Home » Најбрзото Трчај бе досега: нови рекорди и силна меѓународна конкуренција во Битола

Најбрзото Трчај бе досега: нови рекорди и силна меѓународна конкуренција во Битола

by culturalchat

Над 1.500 тркачи од 18 земји вчера застанаа на стартната линија на осмото издание на ТРЧАЈ БЕ со Алпско и уште еднаш ја ставија Битола на мапата на големите регионални тркачки настани. На програмата беа трките на 5, 10 и 21 километар, а годинешното издание донесе најсилна меѓународна конкуренција досега и исклучително брзи времиња. Битолската патека годинава беше и домаќин на Националното првенство на Македонија во полумаратон.
По високите температури во деновите пред трката, неделното утро донесе свежо и облачно време и речиси идеални услови за трчање. На патеката тоа веднаш се претвори во брзи резултати и нови рекорди на ТРЧАЈ БЕ. На 21 километар во женска конкуренција победи Nancy Githanga Waigumo од Кенија со време 1:16:05. Втора беше нејзината сонародничка Esther Chesang Kakuri со 1:16:38, а третото место го освои Marinela Nineva од Бугарија со 1:19:58.Во машка конкуренција на 21 километар најбрз беше John Chege Waweru од Кенија со 1:04:40. Второто место му припадна на Tirron Mamusha од Косово со 1:11:38, додека трет беше Димитар Илиев од Македонија со време 1:12:16. На трката на 10 километри кај жените победи Viktória Neisz од Унгарија со 36:45. Елисавета Димовска од Македонија беше втора со 41:41, а Pamela Eni од Бугарија трета со 41:46. Кај мажите на 10 километри победи Bonface Mburu Mungai од Кенија со време 30:46. Втор беше Григоријан Никовски од Македонија со 31:47, а трет Ibraim Mamudov од Македонија со 35:33. На 5 километри во женска конкуренција првото место го освои Jacqueline Zheleva од Бугарија со 18:47. Втора беше Irma Hajdari од Македонија со 19:15, а трета Ana Begova од Македонија со 19:57. Во машка конкуренција на 5 километри победи Andrej Arsov од Македонија со 15:55. Димитар Петровски беше втор со 16:01, а Роберто Димитриевски трет со 16:02.
НАЦИОНАЛНО ПРВЕНСТВО НА 21 КИЛОМЕТАР
Во рамките на ТРЧАЈ БЕ се одржа и Националното првенство на Македонија во полумаратон.
Во женска конкуренција национална шампионка е Адријана Поп Арсова Рашиќ од АК Олимп. Второто место го освои Благица Јованова од АК Делта, а третото Марина Домазетовска од АК Олимп. Кај мажите национален шампион е Димитар Илиев од АК Олимп. Втор е Жан Тосев од АК Струмица, а трет Игор Трифуновски од АК Скопски Маратон. Наградите на најдобрите на Националното првенство ги врачи Александра Војнеска Зикова, претседателка на Атлетската федерација на Македонија, македонска олимпијка и членка на Советот на European Athletics.
Дел од наградите на ТРЧАЈ БЕ ги врачија и градоначалникот на Битола Тони Коњановски и директорот на трката Никола Димитровски.
НАГРАДИ ЗА НАЈДОБРИТЕ
На трките на 10 и 21 километар наградните чекови за најдобрите ги обезбеди долгогодишниот партнер на ТРЧАЈ БЕ, Halkbank, продолжувајќи ја поддршката на трката и на врвните спортски резултати. Посебна приказна на годинешното издание беа традиционалните награди на трката на 5 километри, поврзани со името на Стевче Ѓоргиевски, едно од значајните имиња во историјата на битолската атлетика и АК Олимп. Георгиевски е поранешен југословенски репрезентативец и балкански јуниорски шампион во крос и на 5.000 метри. Неговиот личен резултат од 14:06.52 на 5.000 метри останал недопрен речиси четири децении. Наградниот фонд за најдобрите на 5 километри го обезбеди Стевче Ѓоргиевски, со што оваа дистанца дополнително ја поврза денешната генерација тркачи со традицијата на битолската атлетика. Женските награди на 5 километри се посветени на неговата ќерка, Марија Макри, атлетичарка која неодамна почина.
Беа доделени и дипломи за тимови и старосни категории. Годинешното издание се одржа со поддршка и на Алпско, партнер со кој ТРЧАЈ БЕ е долгогодишна соработка. Осмото издание заврши со повеќе од 1.500 учесници од 18 земји, три тркачки дистанци, Национално првенство во полумаратон и најбрзите времиња постигнати досега на битолската патека.
Битола вчера трчаше со светот.
Фотографи: Горан Кузмановски, Александар Јонациќ.

 

Related Articles