Во Пионерскиот дом беше промовирана најновата книга на Сања Поповска со наслов “Моќта на невидливите херои”, пред многубројните присутни. Настанот кој се одржа под мотото „ Невидливите борби заслужуваат да бидат видени“, беше ден исполнет со приказни, уметност, емоции и сила. Во рамките на промоцијата се прикажа и изложбата „Боите на невидливото”, на Ана Сиљаноска, а за книгата зборуваше и писателката Јована Матевска Атанасова. Воедно беше прославен роденденот на здружението „Гласно за МС“.
„Една книга. Една изложба. Еден глас што не молчи.Да зборуваме гласно. Да се гледаме. Да бидеме заедно“, беше истакнато на настанот. Книгата е составена од 17 приказни на хероини што ги носат своите портокалови марами—мултиплекс склерозата. Болка, надеж, испреплетени емоции, но со многу “гајрет” како што рекле старите.
„Болеста ги бира силните. Жената како ентитет, е нешто најблиско до божество, затоа што успева да произведе храна од своето тело, да одгледа живот и да го донесе на свет, но за жал, и да создаде болест. Во природата на жената е да не се предава, а книгата ќе го запознае читателот со интимни и инспиративни патешествија“, истакна Поповска и додаде: „Еден ден исполнет со емоции, љубов и приказни што заслужуваат да бидат слушнати. Од срце благодарам на сите што беа дел од оваа приказна, што веруваа, поддржаа и помогнаа невидливите борби да станат видливи“.
Таа за време на настанот сподели и емотивен момент во чест на Билјана Јовановска, посочувајќи дека за неа во книгата има посебно место и посебна приказна. „Билјана Јовановска, ЖЕНА, МАЈКА, КРАЛИЦА, БОРЕЦ – Во книгата “Моќта на невидливите херои” вечно ќе живееш“. Книгата била започната како идеја пред три, четири години, заедно со уште два романи од различни жанрови.
„Следуваше пад на мотивација, губење на волја, мисли дека сум досадна веќе со оваа тема и се застана. Се додека не ме “удри” повторно релапс за да ме потсети зошто го поткренав сево ова досега, па благодарение на МС, се роди “Моќта на невидливите херои”, вели Сања.
Ова не е само книга. Ова се вистински приказни. Приказни за жени кои секој ден се будат со МС и повторно избираат да продолжат. За стравот што никој не го гледа. За болката што често се крие зад насмевката. За мајките, сопрузите, децата и семејствата кои ја водат оваа битка заедно со нив.
„Сакам да им се заблагодарам на жените кои ја споделија нивната приказна со мене, спремни да ја споделат и со јавноста. И покрај тоа што секоја приказна е под псевдоним или измислено име, вие ме направивте горда. Конечно ја уништивте тишината. И што и да се случи јас велам: УСПЕАВМЕ“, додава Поповска.
Промотивото видео го изработи Елена Наумовска.



