Home » Македонката Матеа Стојаноска дел од концертот во Загреб – Ревија на млади музичари

Македонката Матеа Стојаноска дел од концертот во Загреб – Ревија на млади музичари

by culturalchat

Во рамките на „Ревија на млади музичари“ – циклус Музички патеки: Сакам, сакам, сакам, на 4.ноември во Малата сала на Ватрослав Лисински во Загреб, ќе настапи и Матеа Стојаноска – сопран, поранешна ученичка на Државното музичко училиште – Битола која беше во класата по соло пеење на проф. м-р Маја Митровска. „Свириме, пееме, сонуваме, размислуваме и создаваме. Внесуваме боја таму каде што сè изгледа сиво, звук таму каде што владее тишина, и сјај – дури и кога се чини дека го нема. Накратко: сакаме, сакаме, сакаме“ стои во најавата за концертот. Музичарите кои се дел од истиот, не само што изведуваат дела по сопствен избор, туку споделуваат и лични асоцијации и размислувања, со што ја воведуваат публиката во волшебниот свет на класичната музика.Матеа е родена во Прилеп во 2005 година. Своето музичко образование го започнува на 11-годишна возраст во ОУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ – Прилеп во класата по соло пеење на проф. м-р Леонарда Богданоска Гиноска. За време на образованието учествува на сите концерти како солист и како член на хорот. Средното образование го продолжува во Државното музичко училиште – Битола. За време на образованието освојува награди на натпревари во Македонија, Белорусија, Хрватска, Србија и Франција. Активно учествува на настани и концерти организирани од училиштето: јубилејни концерти, музички маратони, концерт во чест на Пеце Митревски, XXIX Шопенова вечер. Настапува и како солист и како член на хорот на „Јубилеен новогодишен концерт“ на ОУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ во 2022 година. Во 2023 година го одржува својот прв солистички концерт во Прилеп. Учествува на првиот „Детски камп за класична музика“ организиран од здружението „Пијанофест Битола“, Божиќниот концерт организиран од Хрватскиот културен центар и Македонско-хрватското друштво „Марко Марулиќ“ – Битола; концерт во спомен на проф. Петар Сидовски – Пепи; концертниот циклус „Слободна среда – 2024“ организиран од Македонскиот младински сојуз (ЈММ); завршен концерт на матурантите – генерација 2020/24; годишен концерт на ДМУ – Битола; концерт по повод Денот на државноста на Република Хрватска и прославата на 30-годишнината од Македонско-хрватското друштво „Марко Марулиќ“ – Битола. Во мај 2024 година, го одржува својот матурски концерт во Офицерскиот дом – Битола. Во јуни 2024 година, го има својот прв настап со Македонската филхармонија како солист. Во текот на 2025 година, го продолжува своето музичко образование со сопранистката Марија Кухар Шоша, солистка на Хрватскиот народен театар – Загреб и професорка на Музичката академија во Загреб.
Моментално студира оперско пеење на Музичката академија во Загреб, каде е втора година, во класата на мецосопранистката доцент Хелена Луцич Шего.  Настапува на концерти и настани организирани од Музичката академија во Загреб како дел од концертниот циклус „Виртуозо“, концерти на класата по пеење,  оперни проекти организирани од академијата и други.

Related Articles