Home » Книгите како повод за разговор за себе, Ксенија Николова гостуваше во Утопија

Книгите како повод за разговор за себе, Ксенија Николова гостуваше во Утопија

by culturalchat

Со разговор за книжевноста, личните избори и односот кон сопствениот живот, на 26 октомври во Книжевниот клуб Утопија во Битола се одржа средба со писателката Ксенија Николова. Вечерта ја модерираше Јасмина Атанасова, а во фокусот беа целокупното творештво на авторката и нејзиниот ангажман за поголема свесност за нашите постапки и нивното влијание врз нас и врз другите.

Книгите на Николова отворија простор за теми што лесно ја преминуваат границата меѓу книжевниот лик и читателот. Љубовта, семејните односи, внатрешните борби и очекувањата со кои живееме беа дел од поширокиот разговор за тоа како ги разбираме сопствените искуства и колку сме подготвени искрено да ги преиспитаме.
Низ разговорот со Атанасова, публиката имаше можност поблиску да го запознае авторскиот свет на Николова, во кој емоциите и сложените човечки односи заземаат централно место. Од „Емотивен манипулатор“ и „Сите мажи ја сакаат Лиа“ до „Незадоволна“, „Зад маските“ и „Секој цвет има свое време“, нејзиното творештво беше разгледано како целина поврзана со интересот за човекот, неговите противречности и потребата за промена.
„Јас секогаш ќе бидам раскажувач“, вели Николова, изјава која ги опишува пристапот на авторката, која во личните искуства и во секојдневието наоѓа приказни што продолжуваат да живеат преку читателите.
Средбата го опфати и нејзиниот јавен ангажман за менталното здравје и поддршката меѓу жените. Преку иницијативата Better Women Better World, Николова ги отвора овие прашања и надвор од книжевноста, поттикнувајќи споделување искуства и повнимателен однос кон себе.
Гостувањето помина во топла и непосредна атмосфера, со книжевноста како заедничка почетна точка за разговор за многу лични теми. Книгите на авторката беа достапни за купување преку Бук хаус, а влезот беше слободен. Со оваа средба, Книжевниот клуб Утопија ја продолжи својата програма на средби меѓу авторите и читателите во Битола, давајќи им на книгите простор да станат и жив разговор.

Related Articles