Home » „Скопје Виа“ ја распеа и разигра публиката на Денови на македонска култура во Будимпешта

„Скопје Виа“ ја распеа и разигра публиката на Денови на македонска култура во Будимпешта

by culturalchat

Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 продолжија со есенскиот циклус настани од 23 до 26 октомври, во рамките на кој унгарската публика имаше можност да ја запознае македонската култура преку гастрономијата, музиката и ликовната уметност. Програмата започна со Деновите на македонска гастрономија во ресторанот Yugo Resto-Bar во Будимпешта, каде гостин-готвач беше Слаѓан Стевковски од Македонија, кој подготви традиционални македонски специјалитети. Следниот ден на бродот-сцена A38 настапи групата „Скопје Виа“, предводена од актерката и пејачка Јана Стојановска и виртуозот на хармоника Мишел Трајковски. Групата во својата музика ги спојува балканскиот мелос, ромската традиција и современиот џипси џез, создавајќи автентична музика што ја освојува публиката.Концертната вечер ја отвори унгарското дуо Narun, во состав Гашпар Торпе и Бенце Бабчан, кои унгарските и балканските народни мотиви ги изведуваат на современ, интимен и медитативен начин.

„По вторпат сме поканети од Златко Панзов тука во Будимпешта. Многу ни значи пренесувањето на македонската музичка култура надвор од границите на нашата држава. Ние се чувствуваме како амбасадори и тоа многу сериозно го доживуваме и го земаме како сериозна одговорност. Сакам да истакнам една благодарност до Македонците кои што живеат тука, пред се благодариме што дојдовте во толку голем број и оваа година“, истакна Јана Стојановска.
Воодушевен од Будимпешта беше и Мишел Трајковски.

„Прекрасно се чувствуваме овде. Претставувањето на нашата музика и култура ни значи премногу за нас како бенд, но и значи за Македонија. Се трудиме македонската и ромската култура да ја пренесеме насекаде низ Европа. Навиваме и се бориме да имаме што повеќе настани и настапи низ Европа. На домашно поле котираме одлично. Се надевам веќе наредната година ќе направиме неколку концерти во Македонија, а низ Европа нема да застанеме. Продолжуваме понатаму да ја шириме и негуваме македонската и ромската музика. Пријатно сме изненадени што сте сите во голем број заедно со нас. Тоа ни е дополнителна поддршка да направиме заедно една убава забава и да им покажеме на жителите од Унгарија какви сме ние домаќини овде на нивен терен“. Скопје Виа ја распеа и разигра публиката, па на крајот присутните го играа и македонското оро. Есенскиот циклус продолжи во културниот центар Balkan Heritage, каде беше отворена изложба на скулптури од македонскиот скулптор Никола Смилков. Изложбата ја отвори унгарската писателка Оршоја Карафиат. Манифестацијата ќе заврши во ноември со гостувањето на Елена Ѓорѓиовска, лекторка по македонски јазик во Букурешт.  Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 ги организираат Лекторатот по македонски јазик при Институтот за словенска и балтичка филологија на Универзитетот ЕЛТЕ и лекторот Златко Панзов, Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом и културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта. Манифестацијата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.

 

 

 

Related Articles