НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола беше домаќин и партнер на средбата „Разговор во розово – здравје, сила и поддршка“, во организација на Општина Битола и Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“.
„Нашата библиотека отвори простор за искрен разговор, споделување знаења и искуства и поддршка на жените. Зборувавме за превенцијата и раното откривање, балансираната исхрана, движењето, стравот и значењето на семејството и заедницата во тешките моменти“, истакнаа од НУУБ. „Св. Климент Охридски“ .

Во разговорот учествуваа Марина Крстич, заменик-градоначалничка на Општина Битола; д-р Весна Шикловска, специјалист радиолог; Елена Рајкоска, нутриционист; Стевка Јанковска Петковска, спортистка; и Наташа Бекирова, психолог и семеен советник. Посебна благодарност беше истакната до Катерина Петровска за довербата и искреноста со кои го сподели своето лично искуство со рак на дојка, отворајќи разговор за силата и поддршката што ни се потребни. Божидар Николовски го водеше разговорот.
„Како библиотека, веруваме дека пристапот до знаење и точни информации ни помага да донесуваме одлуки за сопственото здравје. Затоа со задоволство поддржуваме средби што ја поврзуваат едукацијата со грижата за заедницата. Благодариме за соработката на Општина Битола, „Сумнал“, Ротари клуб „Битола Широк Сокак“ и Организација на жени Битола. Грижата за себе не треба да ја оставаме за утре. Да разговараме, да се информираме и да бидеме тука едни за други – во октомври и секој ден. “, додаваат од Библиотеката.
