Три дена исполнети со македонски филм, култура, разговори и средби со публиката во Сплит.
Во рамките на “XXI Денови на македонскиот филм во Сплит”, во организација на МКД „Македонија“ од Сплит, ЗМРХ во РХ и Македонскиот КИЦ – Загреб, во просториите на друштвото се одржа трибина на тема „Дијалог на кадри – улогата на Кинотеката на Македонија во заштитата на филмското наследство и меѓународната промоција на македонската кинематографија“.

На трибината учествуваа Мими Ѓорѓоска Илиевска, директорка на Македонскиот КИЦ во Загреб, Бошко Грујовски, директор на Кинотеката на Македонија, како и Дамјана Патчева и Тихомир Кашмицовски. Модератор на трибината беше Бруно Богдан. Гостите и присутните ги поздрави Марта Жаја, претседателка на друштвото, која, во знак на благодарност за учеството и соработката, на гостите им подари мала симболика од градот Сплит.
Се разговараше за значењето на Кинотеката во зачувувањето на македонското филмско наследство, неговата заштита и промоција, како и за улогата на македонскиот филм во меѓународниот културен простор. Како доказ дека македонската култура живее и надвор од своите граници, во Сплит, од 10 до 12 септември, во Кинотеката „Златна врата“, се одржа 2. Патувачки фестивал на македонскиот филм. Во текот на три фестивалски дена, публиката во Сплит имаше можност да проследи одличен избор на македонски филмови и да се запознае со богатството и разновидноста на македонската кинематографија. Овој значаен културен настан за нас претставува можност за уште поголемо поврзување и соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Кинотеката на Македонија и Кинотеката „Златна врата“ во Сплит.
Особено радува што Деновите на македонскиот филм беа дел од овој фестивал и претставуваат вистинска можност, преку соработка со овие институции, македонскиот филм да биде присутен, видлив и достапен за публиката во Сплит. Не само членовите на друштвото, туку и хрватската публика имаа можност да погледнат македонски филмови, да се запознаат со македонското филмско творештво и заедно да уживаат во нашата кинематографија. Филмот повторно се покажува како прекрасен мост меѓу културите – начин да ја претставиме Македонија, да ја запознаеме публиката со нашето филмско творештво и да создадеме нови можности за културна соработка.
Македонскиот филм патува, се гледа и живее и надвор од Македонија.
