Колку вреди емпатијата ако остане само чувство и што се случува со нашите принципи кога човечноста ќе побара нешто конкретно од нас? Ова беа дел од прашањата што ја отворија новата „Свесност Live Session“ во Училница во Битола, посветена на човечноста, емпатијата, различноста и присуството.
Можеби најважниот заклучок од вечерта беше дека човечноста не е нешто што едноставно го поседуваме. Таа е нешто што постојано го практикуваме. Во начинот на кој го гледаме другиот, во способноста да останеме присутни, во прифаќањето на различноста и тогаш кога таа не ни е удобна и, конечно, во одлуката да помогнеме наместо само да сочувствуваме. Три различни професионални перспективи го отворија прашањето за тоа каде денес ја препознаваме човечноста и каде, можеби, почнуваме да ја губиме. Со д-р Лилјана Ристевска, актуелна претседателка на Црвениот крст на Македонија, разговорот се насочи кон човечноста претворена во дело. Кон солидарноста и волонтерството, но и кон луѓето кои често остануваат невидливи сè додека не се најдеме доволно блиску за навистина да ги видиме. Нејзиното долгогодишно искуство во Црвениот крст отвори и едно од суштинските прашања на вечерта: дали е доволно да сочувствуваме ако нашата емпатија никогаш не стане постапка?
Пеце Трифуновски, доктор по социјална филозофија и професор по етика и граѓанско образование, разговорот го однесе кон моралната страна на човечноста и кон потешкото прашање: што му должиме на другиот? Дали емпатијата е чувство или морална одговорност? Колку вредат нашите принципи ако функционираат само тогаш кога ништо не нè чинат? И можеме ли да ја зачуваме човечноста и во односот со луѓето чии ставови радикално се разликуваат од нашите?
Со Андријана Шокларовска, дефектолог и магистер по образование и рехабилитација на деца со оштетен слух, разговорот влезе таму каде што човечноста почнува да се учи, меѓу децата. Различноста не е лекција од учебник. Таа е дел од секојдневието. Таа е детето што седи до тебе, а светот го доживува поинаку. Токму затоа едно од прашањата беше колку рано треба да почнеме да ги учиме децата на емпатија и дали училиштето, покрај знаење, има задача да создава средина во која различноста ќе биде разбрана и прифатена. Разговорот го водеше Љупчо Кимовски, лиценциран психолог, магистер на психолошки науки и гешталт психотерапевт, кој низ различните перспективи постојано го враќаше прашањето за присуството.
Може ли воопшто да има емпатија без вистинско присуство? Без да го слушнеме другиот, без веднаш да судиме, да даваме совет или да се обидуваме да го сместиме во сопствените категории? Од Училница овојпат не излезе дефиниција за емпатијата.
Останаа прашањата. Кого денес не гледаме? Кого премногу лесно осудуваме? Колку простор оставаме за човекот кој е различен од нас? Можеме ли да сочувствуваме, а сепак да не направиме ништо? И што правиме тогаш кога некому навистина сме потребни?
Можеби токму таму почнува човечноста.
Не во она што мислиме дека сме, туку во она што го правиме едни за други.
„Свесност Live Session“ продолжува да отвора теми кои се дел од нашето секојдневие, но за кои ретко оставаме доволно време вистински да разговараме.
