Home » Детски насмевки, долготрајни аплаузи и весела публика на изведбата на „Пинокио“ на Битолски театар во Прилеп

Детски насмевки, долготрајни аплаузи и весела публика на изведбата на „Пинокио“ на Битолски театар во Прилеп

by culturalchat

Една сцена, илјадници детски насмевки и едно прекрасно фестивалско утро. Вака беше на првиот ден од театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ во Прилеп, кој го отвори екипата на Битолскиот театар со претставата „Пинокио“.
„За нас беше огромно задоволство и особена чест што со „Пинокио“, во изведба на НУ Народен театар Битола, го отворивме театарскиот фестивал. Додека нашите актери се подготвуваа зад сцената, пред влезот веќе нè чекаше најубавата публика – дечињата, со љубопитност, возбуда и насмевки на лицата. А кога завесата се крена, започна едно поинакво патување – во светот на Пинокио, фантазијата, музиката и детската магија.
Најголемата награда за секој што создава театар за деца е токму среќата во нивните очи. Благодариме за прекрасниот пречек и за можноста токму ние да го отвориме ова фестивалско патување“, истакнуваат од НТБ.Оваа е претстава во која Пинокио не потсетува дека секоја голема приказна започнува со детската фантазија. Се работи за приказна што и по повеќе од еден век ни укажува дека патот до тоа да станеш „вистински“ минува низ искушенија, грешки и храброст. Детската претстава не е само забава. Таа е првото место каде што детето учи да препознава чувства, да поставува прашања, да разликува добро од лошо, да верува, да сонува и да ја користи својата фантазија.
„Пинокио“ од Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски, е приказна за растењето, изборите, искреноста, љубовта и патот кон тоа да станеме подобри. Главниот лик го игра Никола Стефанов, а во останатите улоги се: Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски, како и децата од Театарска школа „Бабец“: Ана Анѓелевска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана Марија Каранфиловска, Војдан Мавровски, Николај Илијевски, Марија Јовев, Андријана Мемет, Каја Крстевска. Композитор е Марјан Неќак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски, изработка на маски Сара Милевска, ментор на театарската школа Бабец Јулијана Мирчевска. ТФД „Силјан Штркот“ започна со детска радост, а „Пинокио“ со задоволство ја раскажа својата приказна.

 

Related Articles