Home » Ексклузивно слушање на материјалот од „All Colors of M“ во КИЦ Битола

Ексклузивно слушање на материјалот од „All Colors of M“ во КИЦ Битола

by culturalchat

Во пресрет на 4 Ноември, Офицерскиот дом ја собра публиката на ексклузивното слушање на материјалот од „All Colors of M“, албум зад кој стојат Оливер Јосифовски, Исмаил Љумановски, Алек Секуловски и Давор Јордановски. Четворица извонредни музичари чии искуства, уметничка љубопитност и индивидуални изрази се среќаваат во музика на која со задоволство ѝ го посветивме времето.
Има нешто посебно во првото слушање на еден албум. Сè уште немаме омилена композиција, не знаеме што доаѓа следно, не го очекуваме моментот што подоцна ќе сакаме да го слушнеме повторно. Сè допрва откриваме. А кога тоа откривање го делиме со полна соба луѓе, музиката добива и едно заедничко сеќавање. Токму таква беше синоќешната средба. Со внимание за она што го слушаме, со разговор за музиката и со задоволство што овој материјал првпат заедно го доживуваме во Офицерски. Присуството на двајца од музичарите ѝ даде дополнителна блискост на вечерта. Меѓу нас беа и луѓето што учествувале во создавањето на звукот кој во тој момент го откривавме.
Низ вечерта нè водеше Влатко Деловски, а пред присутните се обрати и директорот на КИЦ Битола, Димитар Михајловски. Зборовите го отворија просторот за слушање, а потоа музиката имаше доволно време да го каже своето.
За Битола, ваквите средби имаат особена вредност. Убаво е да се следат успесите на музичарите чии патишта ги поврзуваат домашната и светската сцена. Уште поубаво е кога нивното творештво ќе стане повод да се собереме тука, да го слушнеме одблиску и да го почувствуваме како дел од сегашниот културен живот на градот. Дел од она што Битола го создава, го споделува и ќе го памети. Во рамките на празничната програма по повод 4 Ноември, со Општина Битола, оваа слушачка промоција беше убава музичка честитка за градот. Вечер што нè потсети колку ни значат просторите во кои уметноста ги собира луѓето и колку причини имаме повторно да им се враќаме.Присутните ги поздрави и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Посебна благодарност од КИЦ истакнаа до Теохаров аудио системи и Аудиокултура за звучното доживување, како и до винскиот партнер Жи Вина Монтенко за придонесот кон атмосферата. „Благодарност и до сите што дојдоа и со своето внимание станаа дел од ова прво заедничко слушање“. Винилното издание на „All Colors of M“ наскоро ќе ја има својата промоција.
Некои плочи ги паметиме и по вечерта во која првпат сме ги слушнале.

 

Related Articles