Актерката на театар Комедија и Театар Хит Скопје, Магдалена Ризова Черних го доби признанието Феникс, по повод 50-годишниот јубилеј од формирањето на Општина Центар. Овие признанија се доделуваат на луѓе што со своите дела оставиле траен белег во општеството. Добитници се и Васил Тупурковски, Зоран Михајлов, Мирослав Грчев, Ѓокица Лукаревски, Дуке Бојаџиев, д-р Марија Весова и Тодор Тасевски – Тото.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакна: „За мене Центар никогаш не бил само општина. Центар се луѓето, маалата, пријателствата, спомените и традициите што нè поврзуваат. Токму затоа, во изминатите пет години се трудевме да направиме што повеќе за нашите сограѓани и да го зачуваме она што го прави Центар посебен“.
Им се заблагодари на сите што биле дел од овие 50 години, на поранешните градоначалници, на вработените, на соработниците и, како што рече, најмногу на граѓаните. „Без вас, Центар не би бил тоа што е денес. Да го чуваме она што ни го оставиле генерациите пред нас и да создадеме нешто вредно за оние што доаѓаат по нас“, додаде тој.
Магдалена Ризова Черних е македонска театарска, филмска и телевизиска глумица. Во 1991 година, таа дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на Катедрата за драмски актери, во класата на професорот Владимир Милчин. Во 1993 година, таа се вработила во Македонски народен театар во Скопје. Од 2009 до 2011 година, била дел од познатата серија „Народни приказни“ на А1-телевизија, каде била еден од основачите на тие приказни заедно со Сашо Ристовски, каде играла во над 100 епизоди, по сценарио на Велко Неделковски. Од 2018 година, таа работи во Театар Комедија. Покрај нив таа настапувала и во други театри во Драмски театар – Скопје и патувачкиот Театар „Колозов“. Таа е еден од основачите на патувачкиот театар „Хит“, заедно со Сашо Ристовски, каде веќе неколку години работат.
„ И го честитаме ова највисоко општинско признание на нашата Маги, упатуваме огромна благодарност до сите кои го поддржаа доделување на признанието и го честитаа јубилејниот роденден на Општина Центар, 50 години Општина Центар“, истакнуваат од Театар Хит Скопје.
