По повод 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола, во холот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола беше отворена изложба на монографски публикации, периодични изданија посветени на Битола, како и фотографии од старите градби на градот, кои се длабоко врежани во колективната меморија на битолчани. Преку пишаниот збор и фотографијата, изложбата нè потсети на богатото историско и културно наследство на Битола, на нејзиниот урбан развој, значајните објекти и настани кои оставиле неизбришлива трага во историјата на градот.
На присутните им се обратија организаторите на настанот, директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова ; По повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, како директорка на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола, од срце им благодарам на Стефан Караџовски и на МНД за соработката во организирањето на оваа заедничка изложба, која втора година по ред ја приредуваме со монографски и сериски публикации од фондот на Библиотеката и со историски фотографии од збирката на историчарот Стефан, што ги прикажуваат старите и значајни градби на нашиот град. Голема благодарност изразувам и до здружението „Божилак“, кое со изведбата на прекрасни традиционални песни ни го разубави одбележувањето на празникот, а ние како Библиотека продолжуваме со празничните активности и награди за драгите читатели кои ќе творат за „Што ни значат слободата, правото на избор, храброста, патриотизмот и љубовта кон нашиот град Битола?“
На настанот се обрати и претседателката на Македонското научно друштво – Битола, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска која пред присутните ја истакна важноста од соработка и залагањето на одделот за историски науки при МНД за реализација на овој настан и посака оваа активност да прерасне во традиција. Како дел од организаторите пред присутните се обрати и м-р Стефан Караџовски, член на МНД и претседател на Cultural Connection кој во име на организаторите го истакна значењето на негувањето и зачувувањето на колективната меморија и културното наследство на градот.
Посебна уметничка димензија на настанот му даде хорот „Божилак“, кој со изведба на три македонски народни песни ја збогати свечената атмосфера и ја внесе убавината на македонската музичка традиција. Битола не е само град на минатото – таа е град на спомените, приказните и наследството што продолжуваме да го чуваме за идните генерации.



