Македонскиот културно-информативен центар во Софија беше домаќин на значајна посета од страна на м-р Зоран Димитровски, заменик-министер за надворешни работи и трговија, кој ја посети изложбата „Дијалог на форми“, дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Софија. Посетата претставуваше можност за непосредно запознавање со програмските активности на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, со македонските автори и нивното творештво, но и за разговор за значењето на културата како важен простор на поврзување, разбирање и градење современи односи.
Проф. д-р Зоран Пејковски, директор на Македонскиот КИЦ во Софија и дипломатски советник, заедно со Јаким Зимоски, директор на Музеј-галерија Кавадарци, го запознаа заменик-министерот со авторите застапени на изложбата „Дијалог на форми“, со нивните дела, како и со значењето на уметничките колонии како простори во кои се создаваат и афирмираат значајни уметнички вредности. Изложбата е реализирана во соработка со Музеј-галерија Кавадарци, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија, и претставува дел од определбата на Македонскиот КИЦ во Софија македонската ликовна уметност да биде постојано присутна и достапна пред културната јавност во Софија. Во разговорот, проф. д-р Зоран Пејковски го истакна значењето на континуираното претставување на македонските уметници, но и на носителите на културното и уметничкото творештво од различни области, нагласувајќи дека културата има моќ да создава мостови таму каде што зборовите понекогаш не се доволни. Токму преку културниот дијалог се отвораат нови простори за разбирање, соработка и меѓусебно почитување. Во таа смисла, активностите на Македонскиот КИЦ во Софија претставуваат важен сегмент од културната дипломатија и од поширокото претставување на македонските културни вредности надвор од границите на земјата.
Во изминатите две години, програмата на Македонскиот КИЦ во Софија добива сè поголем интензитет и континуитет. Изложбите, книжевните промоции, музичките настапи, разговорите, презентациите и другите културни содржини создаваат динамичен програмски живот и придонесуваат Македонскиот КИЦ да биде сè попрепознатлив како место на македонската култура во Софија. Од недела во недела расте и интересот на публиката. Секој нов настан отвора врата кон нови посетители, нови средби и нови можности за културна размена. Така постепено се создава публика која со внимание и интерес ги следи активностите на Македонскиот КИЦ и го препознава како простор во кој македонската култура е жива, присутна и отворена кон светот. Тој континуитет претставува особена вредност бидејќи македонската култура во Софија не е присутна само преку повремени настани, туку преку постојана програмска динамика која создава видливост, препознатливост и трајно присуство. Во рамките на средбата, проф. д-р Зоран Пејковски го информираше заменик-министерот за надворешни работи и трговија, м-р Зоран Димитровски и за актуелните предизвици со кои во изминатиот период се соочуваат ДКП-то и Македонскиот КИЦ во Софија, како и за напорите што се вложуваат за зачувување на континуитетот и квалитетот на програмата. Особено значајно е што заменик-министерот за надворешни работи и трговија, м-р Зоран Димитровски изрази поддршка и задоволство од досегашната работа и ангажман на Македонскиот КИЦ во Софија, како и од богатата и разновидна програма што се реализира. Поддршката од раководството на Министерството за надворешни работи и трговија претставува значаен поттик за продолжување на оваа динамика и за натамошно унапредување на културната мисија на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Таквата институционална поддршка е особено важна затоа што ја потврдува вредноста на вложувањата во културната дипломатија и во создавањето услови македонските уметници, автори и носители на културното и уметничкото творештво да бидат видливи и препознатливи во меѓународниот простор. За проф. д-р Зоран Пејковски, културата не е само дел од дипломатското претставување, туку таа е еден од најмоќните начини преку кои една земја го претставува својот идентитет, својата творечка енергија и своите вредности.
Затоа Македонскиот КИЦ во Софија продолжува со јасна и посветена мисија: да создава простор за македонските уметници и творци, да ги поврзува институциите, да отвора нови можности за соработка и да ја носи македонската култура до сè поширока публика. Кога културата има континуитет, таа создава присуство, а кога има присуство, таа создава препознатливост, а кога пак создава препознатливост, таа создава мостови што остануваат. Токму таков мост, со секој нов настан, изложба, автор и средба, продолжува да гради Македонскиот културно-информативен центар во Софија.
