Home » Камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје и „Камерата“ од Нови Сад се обединуваат на сцената на Македонската филхармонија

Камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје и „Камерата“ од Нови Сад се обединуваат на сцената на Македонската филхармонија

Камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје и оркестарот „Камерата“ од Нови Сад ќе настапат како еден голем музички состав, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, на 19 ноември во Скопје

by culturalchat

Оркестарскиот звук, силата на заедничкото музицирање и уметничката енергија на двата ансамбли ќе бидат во фокусот на концертот што на 19 ноември ќе се одржи во Македонската филхармонија. Камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје и оркестарот „Камерата“ од Нови Сад ќе ја споделат сцената во заедничка изведба под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ. Оваа соработка претставува многу повеќе од средба на два оркестри. Музичарите ќе ги обединат своите искуства, изведувачки сензибилитети и уметнички капацитети во еден поголем ансамбл, отворајќи простор за поинаква звучна димензија и ново концертно искуство. Во преден план ќе бидат прецизноста на оркестарската изведба, виртуозноста на музичарите и комуникацијата меѓу нив – елементи што ја прават заедничката интерпретација посебна.

За маестра Ѓурѓица Дашиќ, основач и диригент на „Профундис“, овој проект е значаен чекор во уметничкиот развој на ансамблот и можност за ново истражување на оркестарскиот звук.

„За мене, посебната вредност на овој концерт е во тоа што на сцената нема да имаме два оркестри кои само настапуваат еден покрај друг, туку два ансамбли кои преку заедничката работа создаваат една музичка целина. Профундис постојано ја гради својата препознатливост преку внимателно избран репертоар, посветеност на изведбата и желба да ги поместува сопствените уметнички граници. Соработката со Камерата ни овозможува да го прошириме тој музички простор, да ја почувствуваме силата на поголемиот ансамбл и да создадеме изведба во која оркестарот е вистинскиот главен актер. Верувам дека публиката ќе ја препознае енергијата, посветеноста и музичката комуникација што стојат зад овој проект“, истакнува Дашиќ.

Концертната програма обединува четири дела од различни музички епохи и стилови. Публиката ќе има можност да ја доживее возвишената и полифонична звучност на „Фантазија на тема од Томас Талис“ од Ралф Вон Вилијамс, ритмичката динамика и современиот израз на „Последен круг“ од Освалдо Голијов, „Свита за гудачки оркестар“ од македонскиот композитор Стојан Стојков, како и темпераментната и виртуозна „Свита Кармен“ од Жорж Бизе, во оркестарска обработка на Родион Шчедрин. Разновидноста на делата отвора простор за различни звучни карактери и интерпретации, обединети во една концертна целина. Токму оваа стилска разновидност ја истакнува ширината на изразните можности на оркестарот и создава простор за различни звучни карактери, емоции и интерпретации. Од суптилноста и богатството на музичките линии до ритмичката енергија и драматичните контрасти, секое дело носи поинаков предизвик, обединет во една концертна целина. Со ваквите проекти, „Профундис“ продолжува да ја развива својата уметничка мисија, да воспоставува меѓународни соработки и да ја збогатува концертната сцена со внимателно осмислени музички продукции.

Билетите се достапни преку продажната мрежа на МК Тикетс.Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, ансамблот се позиционира како еден од најактивните камерни состави во Македонија, обединувајќи истакнати македонски инструменталисти од различни генерации и создавајќи препознатлив уметнички израз. Визијата на „Профундис“ е создавање професионален камерен оркестар посветен на изведба на комплексен и разновиден репертоар – од капитални дела на класичната музика до современи композиции и праизведби на дела од македонски и странски автори. Оркестарот активно ги поддржува домашните уметници и композитори, а преку соработки со реномирани солисти од светот ја збогатува својата концертна дејност. Препознатлив по својата иновативност, оригинални концертни концепти и високи изведувачки стандарди, „Профундис“ реализираше настапи на значајни фестивали и концертни сцени во Македонија и регионот, меѓу кои „KotorArt“ (Црна Гора), „Sofia Music Weeks“ (Бугарија), „Sorrento Music Festival“ и „Ravanelius“ (Италија). Оркестарот е познат и по своите авторски проекти, меѓу кои се издвојуваат концертните концепти „Candlelight“ и „Groove“.„Камерата Нови Сад“ е професионален камерен оркестар со традиција што започнува во 1988 година. Основан како „Камерата Академика“ при Академијата на уметностите во Нови Сад, ансамблот низ годините се развива во еден од препознатливите музички состави на српската концертна сцена. Неговиот репертоар опфаќа дела од барокот и класицизмот до современата музика, со посебен акцент на уметничката соработка и иновативните концертни проекти. Оркестарот настапува на значајни фестивали во регионот и пошироко, меѓу кои „Охридско лето“, БЕМУС и „KotorArt“. Во 2022 година, во рамките на проектот „Нови Сад – Европска престолнина на културата“, ансамблот го добива статусот на официјален градски камерен оркестар под името „Камерата Нови Сад“. Во 2025 година е прогласен за Оркестар на годината во изборот на списанието „Музика Класика“. Со својата богата традиција, уметнички квалитет и отвореност кон нови музички соработки, „Камерата Нови Сад“ е значаен партнер во заедничкиот проект со „Профундис“.

 

 

Related Articles