Home » Доделени наградите на најуспешните учесници на 56. „Илинденски денови“

Доделени наградите на најуспешните учесници на 56. „Илинденски денови“

by culturalchat

Заврши 56. Илинденски денови, фестивал кој никогаш не завршува откако ќе се изгаснат рефлекторите. Тој продолжува да живее во секој чекор што ќе остане запаметен, во секоја песна што некој ќе ја запее повторно дома, во секоја фотографија што ќе нè врати во ова битолско лето и во секое ново пријателство родено меѓу луѓе кои зборуваат различни јазици, а совршено се разбираат кога ќе започне музиката.

Фестивал кој веќе 56 години е чувар на македонската традиција, но истовремено и место каде светот доаѓа во Битола. Не случајно е дел од големото семејство на CIOFF, меѓународна организација – официјален партнер на УНЕСКО и акредитирано тело за зачувување на нематеријалното културно наследство. Тоа е признание што го носат фестивали кои ја негуваат автентичноста, достоинството и вистинските вредности на народната традиција. Во изминатите денови, Битола не беше само домаќин. Таа беше сцена на светот. Околу илјада учесници, повеќе илјади посетители и повеќе од седумдесет програмски содржини создадоа фестивал во кој традицијата не беше музејски експонат, туку жива култура што се слушаше, се играше и се живееше. Од свеченото дефиле низ Широк Сокак, преку концертите, изложбите, семинарите, програмата „Напладне во чаршија“, детските работилници, вечерите на традиционална и староградска музика, па сè до завршната фестивалска вечер – Битола повторно покажа дека културата има моќ да го обедини светот.
На свеченото затворање беа врачени и наградите на најуспешните учесници.
Најуспешна група што презентираше изворна традиционална музика, игра и обред – Женската група „Теута“ од Тетово.
Најуспешна група во староградска музика и игра – Ансамблот за народни песни и ора „Вања Лазарова“ – Скопје.
Најуспешна интерпретација на новопоставени фолклорни содржини инспирирани од изворниот фолклор – АНПИ „Орце Николов“ – Скопје.
Најуспешна вокална изведба – Марија Добриновска од КУД „Јане Сандански“ – Неготино.
Награда за најдобра и најкомплетна изворна народна носија – Фолклорниот ансамбл „Цветови“ од Дедино.
„Благодарност до сите ансамбли, уметници, волонтери, институции, партнери, спонзори, фотографи, новинари и до битолчани кои уште еднаш покажаа дека овој фестивал не му припаѓа само на организаторот“, истакнаа организаторите.
Му припаѓа на градот.
Му припаѓа на Македонија.
И му припаѓа на светот.
Се затвори 56. издание.
Но приказната продолжува.
Затоа што традицијата нема последен чин.
Таа само го чека следното лето.
ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ, точка на поврзување
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски.

Related Articles