Home » Делегација од шест македонски општини го посети и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб

Делегација од шест македонски општини го посети и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб

by culturalchat

Во рамките на студиската посета на Република Хрватска посветена на развојот на граѓанските енергетски заедници, делегација од шест македонски општини го посети и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и оствари средба со директорката Мими Ѓоргоска Илиевска. Во состав на делегацијата беа градоначалниците на Битола, Кичево, Новаци и Демир Капија – Тони Коњановски, Александар Јовановски, Стевче Стевановски и Наталија Димитриева, секретарите на Куманово и Вевчани – Емилија Сларидис Јаневска и Зоран Радиноски, како и координаторот за енергетски проекти во Еко-свест, Жарко Конески.
Во текот на посетата се иницираа можности за продлабочување на соработката меѓу македонскиот КИЦ во Загреб и македонските општини. Посебен акцент беше ставен на промоцијата на општините како туристички дестинации преку претставување на нивното културно наследство, традиција, природни убавини и современи културни содржини, со цел зајакнување на културниот туризам и нивна поголема меѓународна видливост.
Во таа насока беа разгледани повеќе иницијативи и можности за заедничко организирање културни настани, изложби, презентации и други активности преку кои ќе се афирмираат културните и туристичките потенцијали на македонските општини пред хрватската јавност.
Македонскиот КИЦ во Загреб изразува благодарност до делегацијата што, и покрај својата студиска посета, одвои време да го посети КИЦ-от, при што ваквите средби се значајни за унапредување на взаемната соработка.

Related Articles