Home » Битола повторно со раширени раце го пречека Петре Арсовски: од првиот деби филм во Битолско до Големата звезда на македонскиот филм

Битола повторно со раширени раце го пречека Петре Арсовски: од првиот деби филм во Битолско до Големата звезда на македонскиот филм

by culturalchat

Актерот Петар Арсовски е годинешен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува за исклучителен придонес кон македонската кинематографија. Наградата му беше врачена на свеченото отворање на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“,во Битола. Претседателката на ДФРМ, Марија Димитрова му ја додели наградата.-Друштвото на филмски работници останува да биде темел на македонскиот филм и дел од неговото создавање и промоција. Доказ за тоа е токму тоа што на ова отворање ќе се прикаже македонски филм, а исто така и на затворањето на фестивалот ќе се прикаже македонски филм, а режисерите на двата филма се членови на ДФРМ.  Тоа што фестивалот „Браќа Манаки“ го носи кремот на филмската кинематографија, овде, во Битола, ни овозможува, нам, на филмските работници непосредни средби и дружење со светските кинематографери, истакна Димитрова која се заблагодари на Агецијата за филм, на Општина Битола и на сите останати кои помагаат македонските филмови да станат реалност.

Со повеќе од пет децении присуство пред филмската камера, Арсовски е едно од најпрепознатливите актерски лица на македонската кинематографија. Неговата кариера започнува во раните седумдесетти години и се протега низ различни периоди од развојот на македонскиот филм, оставајќи зад себе голем број улоги кои се дел од неговата историја. Поточно во 1971 година со „Македонскиот дел од пеколот“ во режија на Ватрослав Мимица, чие снимање беше токму во Битола и Битолско, поточно во с.Лавци, ( каде што во кон крајот на 1942 и почетокот на 1943 година се случиле вистинитите историски настани и борби на кои е засновано сценариото на филмот), со споредната улога во таа воената драма, Арсовски ја започна својата богата филмска кариера која трае повеќе од пет децении. На филмското платно во ова остварување тој соработува со тогашните бардови на македонското и југословенското глумиште, како што се Дарко Дамески, Петре Прличко, Павле Вуисиќ, Илија Милчин и Коле Ангеловски.

„Помина многу време од тогаш и начинот на кој се снимаа филовите беше поинакво. Мора да се каже дека денес постојат многу подобри технички можности. Сепак, посветеноста не е различна, и во првиот филм, тие први кадри кои ги снимавме во Лавци, истиот ентузијазам, иста желба, иста преданост, стојат како и сега. Јас сум горд што македонската кинематографија и тогаш, а особено сега е рамо до рамо не само со европската, туку и со светската кинематографија. Тогаш бевме дел од една важна филмска индустрија, која беше на едно високо ниво и ценета“.

Пофални зборови упати и за новите, млади филмски работници. „Сега се појавувија нови млади луѓе, нови таленти со кои исто така се гордеам, освоиле многу награди. Имав можност да погледнам еден одличен филм на нашата Дина Дума кој многу ми се допадна и ме убеди уште еднаш дека иднината на македонскиот филм е сигурна“. Арсовски посочи дека ова е признание од луѓето со кои повеќе од 50 години „војува“ пред филмската камера и поминале заедно и сито и решето.

„Му благодарам на ДФРМ  за наградата и им благодарам на сите кои издржаа со мене 55 години да создаваме македонската кинематографија.Наградата за мене е нешто посебно и има специјално место во мојот живот, затоа што ја добивам од моите многу драги, но и строги критичари кои се совршени филмски работници и на светско нив. Јас работам и со странци, со филмски работници од соседните држави, но нашите филмски работници не заостануваат од другите светски работници.

Актерот истакна колку е важна соработката со снимателот. „Првиот сојуз кој морам да го направам е со снимателот, со директорот на фотографија. Тој е оној што го бележи сето она што го работам. Тоа е неговото лично видување и договорот меѓу него и мене дава неверојатни, чудесни резултати, бидејќи тие не се само сниматели. Тие се автори кои имаат безброј начини како ќе го забележат она што јас го создавам на екранот“.

Во годините после дебитанскиот за Арсовски „Македонскиот дел од пеколот“, следуваат „Истрел“ на Бранко Гапо, „Јад“ на Кирил Ценевски, „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо и „Пресуда“ на Трајче Попов, а во 1980 година ја толкува главната улога на Петре Ќушко во „Време, води“ на Бранко Гапо. Следуваат улоги во бројни филмови кои одбележаа различни периоди од македонската кинематографија, меѓу кои „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Ангели на отпад“, „Џипси меџик“, „Збогум на 20-тиот век“, „Големата вода“, „Бал-кан-кан“, „Караула“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Златна петорка“ и „Лена и Владимир“. Неговата филмографија опфаќа и бројни филмски и телевизиски продукции во земјите од регионот и пошироко. За својата повеќедецениска работа Арсовски е добитник на бројни признанија, меѓу кои државната награда „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста, наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје. Со доделувањето на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, ДФРМ му оддаде признание за неговиот исклучителен и траен придонес кон македонската кинематографија, за повеќедецениското присуство во македонскиот филм и за бројните актерски остварувања со кои неговото име стана нераскинлив дел од неговата историја.Публиката со стоечки аплаузи го награди Арсовски. Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ДФРМ ја востанови во 2013 година, а нејзини досегашни добитници се Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, Сајмон Пери, продуцентската куќа „Вардар филм“, Милица Стојанова, Љупчо Константинов, Столе Попов, Северџан Бајрам, Горјан Тозија – Медо, Лабина Митевска, Димитар Грбевски и Кирил Џајковски.

 

 

 

Related Articles