Home » По 18. пат Друштвото на филмски работници на Македонија ќе ги додели почесните награди „Златна рамка“

По 18. пат Друштвото на филмски работници на Македонија ќе ги додели почесните награди „Златна рамка“

by culturalchat

Одлуката за добитниците на наградите „Златна рамка“ за 2026 година ја донесе Управниот одбор на ДФРМ, во состав Марија Димитрова, Илија Циривири, Лабина Митевска, Георги Унковски, Марко Ѓоковиќ, Атанас Велковски, Дејан Ѓошевски, Драган Спасов, Костадин Дончев, Андреј Бартлинг и Златко Калеников, а сите награди се проследени со соодветно образложение.Златна рамка за филмски актер му се доделува на Владо Јовановски за неговата посветеност кон актерската професија, уметничкиот интегритет и исклучителниот придонес во развојот и афирмацијата на македонскиот филм и театар. Јовановски повеќе од три децении остава длабока трага во македонскиот театар, филм и телевизија, преку бројни впечатливи улоги во делата што ја одбележаа современата македонска кинематографија, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Прашина“, „Големата вода“, „Бал-Кан-Кан“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Ослободувањето на Скопје“, како и во телевизиските проекти „Преспав“, Утре наутро“ и други.Златна рамка за особен придонес кон ДФРМ и македонската кинематографија му се доделува на Апостол Трпески, како признание за неговата долгогодишна посветеност, визија и неуморен ангажман во развојот на македонскиот филм. Во својата повеќедецениска кариера како директор на фотографија тој остави значаен авторски белег во бројни филмски, телевизиски и документарни проекти, меѓу кои „Џипси меџик“, „До балчак“ и „Златна петорка“. Како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Трпески беше учител, ментор и инспирација за бројни генерации филмски автори и сниматели, пренесувајќи им не само знаење и вештини, туку и љубов кон филмската уметност. Со својата човечност, професионален интегритет и несебична поддршка на филмската заедница, тој остави трајна трага во развојот на Друштвото на филмски работници на Македонија и наследство што ќе продолжи да живее низ делата и луѓето што ги создаде и инспирираше.Златна рамка за филмски работник му се доделува на Димитар Јакимовски, кој со децении е значаен дел од македонската филмска индустрија во секторот сценографија, придонесувајќи кон реализацијата на бројни домашни и меѓународни продукции. Неговата професионалност, посветеност и подготвеност за соработка го прават еден од најценетите филмски работници Македонија.Златна рамка за филмски автор ѝ се доделува на Роза Трајческа , која во текот на својата долгогодишна кариера создаде препознатлив визуелен израз во бројни домашни и меѓународни филмски, телевизиски и театарски продукции, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Сестри“, „Домаќинство за почетници“, „DJ Ahmet“. Нејзината работа се одликува со исклучителна креативност, прецизност и длабоко разбирање на ликот и филмскиот контекст, со што значајно придонесува кон уметничкиот квалитет и визуелниот идентитет на современиот македонски филм. Со својот професионализам и посветеност, Роза Трајческа остава траен белег во развојот на костимографијата и филмската уметност во Македонија.

Наградите ќе бидат врачени на свечената церемонија поддржана од Општина Центар во Младинскиот културен центар. Друштвото на филмските работници на Македонија останува посветено на идејата за создавање подобри услови за работа на авторите, продуцентите и сите филмски професионалци и ќе продолжи активно да придонесува кон развојот и унапредувањето на македонската кинематографија, афирмацијата на домашното филмско творештво и јакнењето на местото на филмот во современото македонско општество и култура.

 

Related Articles