Home » Изложба на монографски публикации, периодични изданија посветени на Битола во НУУБ „Св. Климент Охридски“

Изложба на монографски публикации, периодични изданија посветени на Битола во НУУБ „Св. Климент Охридски“

by culturalchat

По повод 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола, во холот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола беше отворена изложба на монографски публикации, периодични изданија посветени на Битола, како и фотографии од старите градби на градот, кои се длабоко врежани во колективната меморија на битолчани. Преку пишаниот збор и фотографијата, изложбата нè потсети на богатото историско и културно наследство на Битола, на нејзиниот урбан развој, значајните објекти и настани кои оставиле неизбришлива трага во историјата на градот.На присутните им се обратија организаторите на настанот, директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова ; По повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, како директорка на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола, од срце им благодарам на Стефан Караџовски и на МНД за соработката во организирањето на оваа заедничка изложба, која втора година по ред ја приредуваме со монографски и сериски публикации од фондот на Библиотеката и со историски фотографии од збирката на историчарот Стефан, што ги прикажуваат старите и значајни градби на нашиот град. Голема благодарност изразувам и до здружението „Божилак“, кое со изведбата на прекрасни традиционални песни ни го разубави одбележувањето на празникот, а ние како Библиотека продолжуваме со празничните активности и награди за драгите читатели кои ќе творат за „Што ни значат слободата, правото на избор, храброста, патриотизмот и љубовта кон нашиот град Битола?“
На настанот се обрати и претседателката на Македонското научно друштво – Битола, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска која пред присутните ја истакна важноста од соработка и залагањето на одделот за историски науки при МНД за реализација на овој настан и посака оваа активност да прерасне во традиција. Како дел од организаторите пред присутните се обрати и м-р Стефан Караџовски, член на МНД и претседател на Cultural Connection кој во име на организаторите го истакна значењето на негувањето и зачувувањето на колективната меморија и културното наследство на градот.
Посебна уметничка димензија на настанот му даде хорот „Божилак“, кој со изведба на три македонски народни песни ја збогати свечената атмосфера и ја внесе убавината на македонската музичка традиција. Битола не е само град на минатото – таа е град на спомените, приказните и наследството што продолжуваме да го чуваме за идните генерации.

Related Articles