Кога ќе се спојат две уметнички души, од светот на музика и филмот резултат е филмувано сведоштвото за една кариера, сон, но и живот исполнет со предизвици и успеси. Во рамките на Бит фест 2026 во Кино Манаки беше одржана промоција на музичко документарниот филм за 55 годишната кариера на Софија Кочевска во режија на Шенол Мемиш. Филмот „Софија Кочевска – 55 години кариера“, е посветен на богатиот творечки пат на една од најпрепознатливите македонски музички уметници.
Зад камерата и монтажата е Дејан Младеновиќ. Авторите создадоа емотивна филмска приказна за пејачката која повеќе од половина век е дел од македонската музичка сцена. Премиерата во кино „Манаки“ беше вечер исполнета со емоции, радост и понекоја солза. Публиката имаше можност да го проследи патот на Софија Кочевска – од нејзините први чекори во музиката, детските настапи и фолклорните ангажмани, до големите фестивалски настапи и денешната активност.
Документарецот е снимен на повеќе локации низ Битола, а за кариерата на Кочевска зборуваат нејзини колеги и почитувачи на нејзиното творештво, меѓу кои Антонијо Димитровски, Петар Георгиев – Калица, Слободан Димитров и Стојан Трајковски. Софија Кочевска е една од првите македонски пејачки која снимила плоча уште во 1970 година, во време кога тоа било голем успех. Учествувала на речиси сите значајни фестивали на народна и новокомпонирана музика во државата, има добиено повеќе награди и остави значаен белег во македонската музичка култура.
Фото: Сашо Ставрев 
