Home » Филмот кој ќе се прикаже на ИФФК.„Браќа Манаки“, „Foreign Tongue“ на Борис Мојсовски со награда во Германија

Филмот кој ќе се прикаже на ИФФК.„Браќа Манаки“, „Foreign Tongue“ на Борис Мојсовски со награда во Германија

by culturalchat

Одлична вест пристигнува од Германија непосредно пред утрешната проекција на „Foreign Tongue“ на Борис Мојсовски во Битола. Филмот го освои German Independence Award – Spirit of Cinema на 33. International Film Festival Oldenburg, една вечер пред да пристигне пред публиката на 47. ИФФК „Браќа Манаки“.
Наградата беше доделена на 20 септември, на свеченото затворање на фестивалот во Oldenburg State Theater. Со „Spirit of Cinema“, жирито го награди „Foreign Tongue“, канадска продукција од 2026 година во режија на Мојсовски, со кинематографија на Фрејзер Браун. Само два дена по германската премиера и непосредно по наградата во Олденбург, „Foreign Tongue“ ќе биде прикажан утре, 22 септември, во 17:00 часот во Центарот за култура во Битола, во рамките на програмата на 47. ИФФК „Браќа Манаки“. Филмот ја следи Кети, жена од Северна Америка која по необична несреќа почнува да зборува со силен босански акцент. Луѓето околу неа одеднаш почнуваат да ја доживуваат како странец. Од оваа необична почетна ситуација, Мојсовски гради приказна за јазикот, идентитетот, миграцијата, предрасудите и чувството на припадност. Фестивалот во Олденбург го опишува филмот како љубовно писмо до имигрантското искуство.За Мојсовски ова е и длабоко личен авторски проект. Роден е во Сараево, а по војната заминува во Канада. Потекнува од филмско семејство, неговиот татко Левко Мојсовски бил кинематографер, а сопствените искуства со миграцијата, јазичните и културните бариери ги внесува и во „Foreign Tongue“. Борис Мојсовски зад себе има значајна меѓународна кариера како кинематографер и режисер, со работа на продукции како „12 Monkeys“, „Taken“, „Knightfall“, „Titans“, „The Lost Symbol“, „Rabbit Hole“ и „The Madness“. За кинематографијата на епизодата „Thief“ од „12 Monkeys“ ја освои наградата на American Society of Cinematographers во 2018 година, а денес е член на ASC и Canadian Society of Cinematographers. Неговото доаѓање во Битола има и една лична врска со градот, сопругата на Мојсовски потекнува од Битола.
Така, филмот кој до вчера во Битола го очекувавме како едно од интересните авторски гостувања на фестивалот, утре пристигнува со свежо освоена награда од Германија.
„Foreign Tongue“
22 септември, 17:00 часот
Центар за култура – Битола
47. ИФФК „Браќа Манаки“.

Related Articles