Вечер во рамките на Фестивалот на монодрама ќе биде изведена втората по ред македонска претстава. Се работи за „Кротка“ на Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“, Кавадарци. Претставата е во режија на Микица Илова, актер е Сашко Орешков. Ќе биде изведена на Новата Сцена, НУ Центар за култура – Битола, 20:00.
Монодрмата „Кротка“ е претставена како внатрешна исповед на човек што го изгубил своето огледало – љубовта. Просторот е минимален, со цел да се истакне драматичниот интензитет и психолошката состојба на ликот. Светлото, звукот и тишината функционираат како сценски партнери — го следат внатрешниот ритам на изведувачот, создавајќи чувство на клаустрофобија и внатрешна борба. Актерот Сашко Орешков ја носи тежината на текстот со искреност и силна физичка присутност, комбинирајќи емоционална тензија со смирена изразност. Режијата се темели на контрастот меѓу зборот и молкот, меѓу покајанието и неможноста за простување — суштински белези на човековата состојба што Достоевски ги поставува како огледало на човечката душа.
„Со оваа изведба сакаме да го претставиме нашиот локален театар на интернационално ниво и да ја споделиме енергијата и искреноста на македонската монодрама со поширока публика“, велат од Театарот во Кавадарци. Монодрамата „Кротка“ е адаптација на истоимената новела на Достоевски, која преку силен емотивен монолог го прикажува внатрешниот свет на човекот што ја губи жената која ја сакал, и во својата вина, самотија и безнадежност се соочува со сопствените демони. Претставува интимна човечка приказна за поединецот што се соочува со свет полн одлуки, стравови и сеќавања.
„Како режисер ја поставив оваа монодрама врз принципот на едноставност и внатрешна вистина – без раскошна сценографија, со акцент на гласот, телото и присуството на актерот. Просторот е минимален: еден стол, една ламба и неколку лични предмети што симболично го носат товарот на минатото. Светлото ја следи психолошката траекторија на ликот – од темнина кон откривање, од страв кон спокој. Музиката е суптилна, скоро незабележлива, создавајќи чувство на изолација и внатрешен монолог. Целта на оваа режисерска поставеност е да се создаде вистинска човечка комуникација со публиката – без претенција, само со искреност и сила на присуство“, истакнува Микица Илова.
