Вечер во Скопје, во Културно Информативен Центар со почеток од 20 часот, ќе биде презентирана изложбата „Кодот“ на Елена Галика и Христина Тарабунова. Изложбата е инспирирана од архивски материјали, оригинални примероци и музејски збирки, со посебен фокус на двотомното дело „Македонски народни носии“ на проф. д-р Ѓорѓи Здравев. Изложбата ги пренесува мотивите, везовите, формите и текстурите на македонските народни носии во современ визуелен јазик, поврзувајќи ја традицијата со современата уметност. Елена Галика ќе претстави омаж на значајни дела од историјата на уметноста, интерпретирани низ македонски визуелен контекст, во техника масло на платно. Христина Тарабунова ќе претстави макро прикази на везови и ткаенини од македонски народни носии, изработени со акрил на платно. Во рамки на изложбата ќе бидат претставени и оригинални македонски народни носии.
Елена Галика е родена на 31 јули 1980 година во Скопје. Своето уметничко образование го започнува во училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје. Дипломските и постдипломските студии ги завршува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот Сликарство. Незјиниот досегашен опус опфаќа самостојни и групни изложби во земјата и странство. Особено се издвојуваат нејзините претставувања во Париз: Salon des Indépendants – Art Capital (2019), Salon d’Automne (2019) и Салонот на француските уметници во Grand Palais Éphémère (2024). Во 2026 година ја добива наградата Curator’s Pick на Golden Duck Gallery & Art Space за делото „Other Opinion“, масло на платно. Со поставката „КОДОТ ’26“, Елена Галика ја претставува својата 8-ма самостојна изложба.
Христина Тарабунова (1987), Скопје. Средно образование завршува во гимназијата „Ѓорѓи Димитров“, а високо образование на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, каде се стекнува со титула магистер по науки – туризмолог. Активно твори како самоук уметник, во областа на сликарството, муралите и скулптурата. Нејзиниот израз се движи помеѓу апстракцијата и кубизмот, најчесто во техника акрил на платно. Има реализирано неколку самостојни и повеќе групни изложби. Изложбата ќе биде отворена до 23.09. 2026 г.
