Home » Театарот „Иван Мазов – Климе“, Кавадарци гостува во Битола со монодрамата „Кротка“

Театарот „Иван Мазов – Климе“, Кавадарци гостува во Битола со монодрамата „Кротка“

by culturalchat

Вечер во рамките на Фестивалот на монодрама ќе биде изведена втората по ред македонска претстава. Се работи за „Кротка“ на Театарот при Домот на културата  „Иван Мазов – Климе“, Кавадарци. Претставата е во режија на Микица Илова, актер е Сашко Орешков. Ќе биде изведена на Новата Сцена, НУ Центар за култура – Битола, 20:00.

Монодрмата  „Кротка“ е претставена како внатрешна исповед на човек што го изгубил своето огледало – љубовта. Просторот е минимален, со цел да се истакне драматичниот интензитет и психолошката состојба на ликот. Светлото, звукот и тишината функционираат како сценски партнери — го следат внатрешниот ритам на изведувачот, создавајќи чувство на клаустрофобија и внатрешна борба. Актерот Сашко Орешков ја носи тежината на текстот со искреност и силна физичка присутност, комбинирајќи емоционална тензија со смирена изразност. Режијата се темели на контрастот меѓу зборот и молкот, меѓу покајанието и неможноста за простување — суштински белези на човековата состојба што Достоевски ги поставува како огледало на човечката душа.

„Со оваа изведба сакаме да го претставиме нашиот локален театар на интернационално ниво и да ја споделиме енергијата и искреноста на македонската монодрама со поширока публика“, велат од Театарот во Кавадарци. Монодрамата „Кротка“ е адаптација на истоимената новела на Достоевски, која преку силен емотивен монолог го прикажува внатрешниот свет на човекот што ја губи жената која ја сакал, и во својата вина, самотија и безнадежност се соочува со сопствените демони. Претставува интимна човечка приказна за поединецот што се соочува со свет полн одлуки, стравови и сеќавања.

„Како режисер ја поставив оваа монодрама врз принципот на едноставност и внатрешна вистина – без раскошна сценографија, со акцент на гласот, телото и присуството на актерот. Просторот е минимален: еден стол, една ламба и неколку лични предмети што симболично го носат товарот на минатото. Светлото ја следи психолошката траекторија на ликот – од темнина кон откривање, од страв кон спокој. Музиката е суптилна, скоро незабележлива, создавајќи чувство на изолација и внатрешен монолог. Целта на оваа режисерска поставеност е да се создаде вистинска човечка комуникација со публиката – без претенција, само со искреност и сила на присуство“, истакнува Микица Илова.

 

Related Articles