Во организација на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, на 4-5 јуни 2026 година, се одржа Втората меѓународна конференција на тема „Библиотекарот денес: професија во трансформација“. Проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам, а раководител беше м-р Милка Котевска, виш библиотекар.
Конференцијата имаше меѓународен карактер и на неа учествуваа над 80 учесници, како од нашата земја, така и од шест европски земји: Република Србија, Република Хрватска, Република Бугарија, Босна и Херцеговина, Литванија и Република Српска. Нивното присуство е доказ дека библиотеките, без оглед на границите, се поврзани преку заедничката мисија за зачувување на знаењето, културата и љубовта кон библиотекарската професија. Темата на конференцијата „Библиотекарот денес: професија во трансформација“ е исклучително актуелна и значајна, бидејќи денес брзите технолошки промени, дигитализацијата и новите потреби на корисниците ја трансформираат библиотекарската професија и отвораат нови можности, но и нови предизвици. Така денес библиотекарот е едукатор, посредник во пристапот до информации, дигитален водич, организатор на културни настани и активен учесник во развојот на заедницата. Токму затоа е важно да се дискутира за промените што ги носи современото време и за улогата што библиотекарите ја имаат во нив.
Големиот интерес за учество на оваа конференција е потврда дека темата е препознаена како значајна и актуелна. Во рамките на програмата беа презентирани 40 стручни трудови кои ќе бидат објавени во зборник на трудови. Конференцијата беше одлична можност за размена на искуства, унапредување на професионалните знаења и воспоставување на нови соработки помеѓу библиотеките во државата и на меѓународно ниво.


