На 27. октомври 2026 год. во 17:00 часот во Салон -Империјал 2, во Културно информативниот центар – Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „Констелациски шепот“, од Марија Ралповска, во издание на издавачката куќа „Бата прес“. Промотор: Елизабета Бандиловска и авторката.
Марија Ралповска е млада авторка која зачекори во светот на книжевноста на четиринаесет години, објавувајќи го својот прв роман „Фрагарија“. Родена е 1997 година во Скопје. Растејќи со приказните на Андерсен и на браќата Грим, а подоцна и со делата на Агата Кристи, ја одбра криминалистиката како своја идна професија. Дипломира на Факултетот за безбедност во Скопје, во септември 2019 година. Авторка е на романите „Фрагарија“ (2012) и „Осумте чувари“ (2013), кои откриваат еден необичен свет на тајни и магија. Со нејзиниот трет роман „Рај во пеколот“ (2015), таа преминува од светот на детската фантазија во оној на возрасните, вешто плетејќи ги нишките на надреалното и реалното, создавајќи паралелни светови. Трите романи се во издание на „Готен“. Марија Ралповска има учествувано на голем број наградни конкурси за проза при што има освоено и поголем број награди. Добитничка е на плакетата за најдобар есеј што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, за 2018 година, за есејот „Под липата“. Нејзиниот прв роман, „Фрагарија“, доби награда за Книга на годината во категоријата проза за деца од школска возраст, при Меѓународната манифестација за литература, уметност и култура „Планетопија, 2019“. Нејзиниот расказ „Крвопиец“ се појавува во електронското издание на „Карантински приказни – Антологија на изолацијата“ од издавачкиот центар „ТРИ“, 2020 година. Во 2021 година од печат излегуваат детската книга „Самовилата од Виленија“ во издание на „Едука Мак“ и нејзиниот кримитрилер „Сенки во подземјето“ од издавачката куќа „Арс Ламина.“ Со истиот роман во 2022 година ја освои наградата „Македонска книжевна авангарда“ доделена од страна на Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“. Книгата за деца „Моњо и вселенскиот брод“ ја објавува во 2022 година во соработка со издавачката куќа „Едука Мак“. Истата година расказот „Волкот Пуи“ се појавува во збирката раскази „Детелинки-белинки“ во издание на „Арс Ламина“, а веќе во 2024 година станува една од бајките објавени во збирката „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Арс Ламина“ и движењето „Браво Сине“. Кон крајот на 2022 година, во соработка со „Арс Ламина“ го објавува кримитрилерот „Мастилна мапа“, којшто влезе во потесен избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година. Во 2023 година нејзиниот расказ „Црнокрил“ излегува во списанието „Стожер“, коешто го издава Друштвото на писателите на Македонија. Нејзината книга за деца „Ѕвезда на Месечината“ излегува од печат во 2025 година во соработка со издавачката куќа „Едука Мак“. Романот „Констелациски шепот“ како продолжение на „Мастилна мапа“ го објавува во 2026 година во соработка со издавачката куќа „Бата прес“. Се надева дека еден ден нејзините книги ќе бидат преведувани и на други јазици за да допрат до читателите од целиот свет.
„Констелациски шепот“ е маестрален криминалистички роман исполнет со мистерии, морални дилеми и неочекувани пресврти. Валерија е една од избраните поврзани со легендата за Астравис – мистична стрела што отвора портал кон други светови. Таа мора да открие дали легендата е само мит или вистина што може да го промени светот засекогаш. Мастилната мапа ги откри точките до својата тајна. Потрагата по изгубените светови на Астравис продолжува. Ѕвездите раскажуваа древни приказни преку тетоважите што водат до нови мистерии и убиства. Случајно или не, долгоочекуваниот метеор паѓа на Земјата будејќи ја приказната за Астравис што сè уште е далеку од својот крај… Исто како и мисијата на убиецот: еднаш засекогаш да ја уништи стрелата и да ја избрише легендата од сеќавањето, заедно со нејзините избраници.
