На 30 април во 20.00 часот ќе биде отворена поставката “Гестови” во алтернативниот галериски простор во Офицерски дом-Битола. “Гестови” ја разбива вообичаената кураторска практика со тоа што, наместо концепт во облик на теорија, кураторот Билјана Исијанин го нуди своето визуелно дело како појдовен импулс на што се надоврзуваат делата на Мартин Зетова, Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ. “Гестови” допира некои суштински карактеристики што ги носи нашето дигитално постоење и ја нагласува ефемерноста и постојаната промена на меморијата. Сликата повеќе не е стабилна површина, туку поле на можни релации. Видеото е исечено, оттргнато од времето, од постоењето, додека поставката не е чин на приватност, туку постои во корелација со јавноста. Во просторот помеѓу нив се отвора прашањето: што останува кога светот се распаѓа и кој го довршува?
Билјана Исијанин во 1992година ја основа уметничката група „Елементи“, со која реализира голем број уметнички акции,креира инсталации и перформанси кои го истражуваат односот помеѓу индивидуата и општетвото во кое владее концентрацијата на моќ и значат еден вид борба и субверзија насочена против доминантниот систем на вредности. Авторка е на текстови и книги за современа уметност. Член е на АИКА од каде во 2017 добива награда за уметнички проект. Од 2025 е дел од Secondary archive, платформа на жени уметници од Источна и Централна Европа.
Дориан Јовановиќ е истакнат македонски музичар, композитор и мултимедијален уметник, познат по својот експериментален пристап и синтезата на традиционалното со современото. Тој е основач и член на култуниот состав „Стринг форсис“. Активен е и во проектите: Axiotomic, Dorian Jovanovic Oud Quartet и во дуото со Добрила Грашеска. Препознатлив по свирењето на уд, кој често го користи во комбинација со електроника. Работи и на трансмедијални проекти, а исто така и истражува, реинтерпретира македонски народни мотиви на автентичен и современ начин.
Мартин Зетова е чешки визуелен и мултимедијален уметник, перформер и скулптор, но неговото творештво опфаќа и цртежи, фотографија, видео и авторски книги. Во својата уметност активно ги спојува личните и општествено ангажираните тематски рамништа. Неговата концептуална уметност се темели на специфична работа со темпоралноста, материјалноста и меморијата, како и на хумор и метафорична хипербола.
Гоце Наневски вработен е на ФЛУ Скопје како редовен професор на Катедрата за скулптура и трансмедиумски практики. Неговите уметнички интереси вклучуваат широки интердисциплинарни истражувања во морфологијата на скулптурата о големи размери, кинетиката, звукот, амбиентот, фотографијата, перформансот и видео уметноста. Автор е на колаборативни дела кои опфаќаат разновидни искуства и сознанија од повеќе дисциплини. Имал повеќе самостојни и групни изложби во Европа и САД,а бил и македонски претставник на Биеналето во Венеција.
