На 10.09. 2026 во 21.00 ч., во Културно Информативниот Центар – Скопје, изложбен салон Империјал 1, ќе биде отворена изложбата на скулптури на Димитар Филиповски „Жени создадени во пламен“. Уметничкиот идентитет на Димитар е направен од бронза. Па зошто тогаш слободно да не заклучиме дека тој припаѓа на една уметничка бронзена раса?!Да бидеме искрени, одамна знаеме дека за Димитар тоа не било прашање на слободна волја, туку детерминизам. Ако неговата почетна географска точка на уметничко раѓање и обликување во она што е денес започнало во леарницата во Сарај, денес истото тоа огниште тој го пренесе во Бразда. Тоа е истиот оган што мора да продолжи да гори додека е жив, затоа што тие нови и големи, чисти и варосано бели ѕидови, меѓу другото, мора да бидат гламносани, исцрнети со нови пластови на историјата на огништето што топи бронза, како трага и доказ за некоја идна археологија дека тука, во еден пирометалуршки процес се случувала трансмутација меѓу бронзата и уметникот – кога бронзата со својата флуидна динамичност се покорувала и ја следела геометријата на волјата на Димитар, на творецот/креаторот.
И тукутака почнувајќи од епилогов за можностите во иднината затрупана во рециклирана пластика, доаѓаме до уште еден заборавен заклучок што за миг, несвесно, Димитар не просветлува потсетувајќи не дека уметноста и нејзиното творештво, не се само раѓање на една нова идеја, не е еурека момент на нешто невидено досега, туку тоа е само (е сега и тука, ќе се послужиме свесно со една тавтологија само за да го релативизираме во овој случај раѓањето на идејата) – тоа е почетната појдовна точка на еден особен креативен и мајсторски процес. Творечкиот интерес на Димитар во овој циклус гравитира околу една замисла и тоа е актот. Женскиот акт! За волја на вистината во оваа поставка има и машки фигури. Едната е присутна како позадинска поддршка на жената, а другата е самостојна и неслучајно во неа го гледаме „Мислителот“. Нивното присуство делува споредно и Димитар со свесна намера ги поставува така второстепено, бидејќи тие се само важните статисти чија единствена цел тука е да ја истакнат битноста на жената. Пристапот на Димитар во обликувањето на актовите е реформаторски, демонстрирајќи свесна самодоверба во познавањето на природата на бронзата, лесно забележувајќи ги неговите играња и поигрувања со можностите на бронзата, без да се изгуби и да заборави дека нејзината природа мора да биде блиска до природата и обликот на жената, лишен од непотребни декоративни детали, прикажувајќи ги метаморфозите на обликот, сугерирајќи одредени гестови. И кога ќе се замислиме нурнувајќи во хронологијата на уметноста и нејзината историја, обидувајќи се да го мапираме женскиот акт како уметничка желба низ епохите, ќе се најдеме на самиот прапочеток, пред првобитниот човек. И согледуваме дека Димитар како уметник колку и да е свесен учесник мајстор-творец од почетокот до крајот, планирајќи ја и контролирајќи ја секоја етапа на творештво, одредувајќи ги и контролирајќи ги вулканските услови што и се потребни на бронзата, во неговите актови не може, а да не се чуе ехото на самиот прапочеток, кога првобитните женски актови на првобитниот човек претставувале еден вид на парегорија, зајакнувачка помош на тој со уста неразговорлив човек да ја живее природата како еднаков со неа.
Женскиот акт – принесен дар, приложена потврда, дека и тој е оплодувачки дел од неа! Димитар е свесен учесник и творец, но и несвесен првобитен човек, човекот низ времето, во креирањето на женскиот акт. Во неговите актови од бронза мора да ги слушаме звуците на повторувачко удирање на метал врз метал, како и металните звуци на стружење на бронзените женски фигурини, додека пред очите молскавично ни летаат огнените секавици од брусењето на истите! Но воедно, целиот тој редок спектакл на звучно и визуелно доживување на метал и оган ни ја сугерира идејната аспирација на човекот низ времето да создаде жена. Дали е тоа во митот како што е пакосниот план во создавањето на Пандора, или пак во христијанството создавањето на Ева; дали е тоа во германскиот експресионистички филм „Метрополис“ со роботот Марија или во јапонскиот сајберпанк филм „Духот во школката“ со киборгот Мотоко. Како една неминовност само следиме обрасци на обиди и желби да се создаде жена. Кога уметникот е создавач, кога тој е креатор, тогаш и можеби само тогаш, во тој краток миг е најблиску до Бог. Дали е тоа креација на тело или на дело? Тоа е сигурно посебна состојба на создавање и на обликување, состојба на неописливо придвижување на еден почеток, но и неописливо доживување на исцрпувачко и моќно задоволство на крајот на создавањето. Изложбата ќе биде отворена до 21.09.2026.
