Home » Ученици на Државното музичко училиште на средба со претседателката на Република Македонија

Ученици на Државното музичко училиште на средба со претседателката на Република Македонија

by culturalchat

Учениците на Државното музичко училиште од Битола се сретнаа со претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, како дел од талентираните ученици кои годинава ја претставуваа нашата држава на меѓународни научни олимпијади и престижни ученички натпревари. Од Државното музичко училиште беа: Лина Николеска, Емануел Петрески и Илија Неделковски, кои со својот талент, посветеност и успех се достоен пример за младите кои ја претставуваат Македонија.
„За нас, секој успех на нашите ученици е повеќе од награда — тој е потврда дека трудот, дисциплината и љубовта кон музиката создаваат резултати кои се препознаваат и надвор од границите на нашата држава. Веруваме дека талентираните ученици заслужуваат поддршка, можности и услови во кои ќе можат целосно да ги развиваат своите потенцијали. Честитки за Лина, Емануел и Илија.Продолжете храбро да сонувате, да работите и да ја претставувате нашата музика со гордост“, изјавуваат од Државното музичко училиште.Средбата се одржа по повод 8 Септември, Денот на македонската независност, а заедно со претседателката беше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
„Опколена со десетици ученици, искажав задоволство од нивното присуство и гордост што земјава има компетитивни умни млади во толкав број и со толку златни, сребрени и бронзени медали во математика, физика, хемија, информатика. Говорејќи за новите технологии и за вештачката интелигенција, укажав и на опасностите, покрај предностите, како и на важноста на емоционалната интелигенција на човекот. За мене, нема подобар ден за оддавање признание и изразување благодарност за нивните успешни натпревари, како сигурен доказ дека во науката, образованието и културата Давид може да го победи Голијат. Им посакав уште многу награди, но и водечки позиции во земјава еден ден, како предуслов за општествен прогрес“, истакна претседателката Сиљановска-Давкова на средбата.

Related Articles