Home » Битолскиот театар со „Едмонд“ гостува на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица

Битолскиот театар со „Едмонд“ гостува на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица

by culturalchat

Театарска сезона Народниот театар Битола ја започна со богат репертоар, а следуваат и гостувања по реномирани фестивали. Првото од нив е на 11 септември, кога претставата „Едмонд“ ќе биде изведена во рамките на 34. издание на Меѓународниот фестивал за камерен театар „Ристо Шишков“, кој се одржува во Струмица од 8 до 13 септември 2026 година.
Шест фестивалски вечери, извонредни камерни претстави, врвни актерски остварувања и незаборавни театарски мигови ќе одбележат уште една фестивалска приказна посветена на актерот и неговата уметност. Претставата е работена по делото на Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски.Едмонд“ го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто ЕДМОНД го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на ЕДМОНД е : “Внимавај што посакуваш.” Иронично, Едмонд изјавува дека е конечно слободен и среќен дури на крајот, по сите перипетии, во затвор, со крајно лимитирана слобода на движење … Во времето во коешто живееме, каде што многу лесно може да имаме се, кога се ни е достапно, кога нашето “силување” на слободата не направи најнесреќни луѓе во историјата на човештвото, ЕДМОНД на Дејвид Мемет е повеќе од потребен како можност за рефлексија на сите нас, да се запрашаме кои сме, каде одиме и какви сакаме да бидемe.Ликот на Едмонд го игра Огнен Дранговски, а покрај него во претставата се и: Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.

Related Articles