На 34-то издание на Меѓународниот Фестивал на камерен театар -„Ристо Шишков“, публиката ќе има можност да погледне десет претстави од три земји. Селектор на претставите е реномираниот битолски режисер Љупчо Ѓорѓиевски.
„Претставите се градени главно врз текстови од современи автори како Семјуел Бекет, Јасмина Реза, Дејвид Мамет и др. Тие влегуваат во жестока пресметка со проблемите и предизвиците на современото живеење. Апсурдот како наше секојдневие не беше критериум за селекција туку се наметна како заеднички именител на мноштвото претстави кои се занимаваат со човековото битисување денес. Она што некогаш кај Бекет го нарекувавме „Театар на апсурд“ во претставите градени врз овие текстови денес резултира во „Реализам“. Во нашето секојдневие се почесто се судираме со низа апсурдни ситуации кои животот го прават конфузен и без јасна цел“, истакнува режисерот,
Оваа година во програмата се вклучени и три претстави градени врз текстови од македонски автори од три различни периоди.
„Тргнувајќи од Ристо Крле кој помеѓу двете светски војни, уште пред „Процес“ на Кафка, ни ја раскажа апсурдната приказна за родителите кои за пари го убиваат својот син, преку Коле Чашуле кој во средиштето на „Црила“ го става човекот што си го убива својот идеал за кој живеел, до Драгана Лукан која во „Анна“ ни прикажува како обидот на една жена да зачекори во светот на женската слободата станува нејзино ропство. Во естетска смисла овие претстави го одразуваат и современиот пристап кон промислата наречена театар во сите негови сегменти, а пред се во сегментот кој е главен крвоток на театарот – актерството. Овие актери оживувајќи го духот на бардот на македонското актерство – Ристо Шишков, низ игра ќе се обидат да се овенчаат со ореолот чија светлина е токму тој. Им посакувам среќа и успех, а на публоиката радост и задоволство од нивната игра“, додава Ѓорѓиевски.
МФКТ. „Ристо Шишков“ оваа година се одржува од 8 до 13. септември во Струмица.
