На само неколку денови пред големиот јубилеј, 35 години независност на Македонија, JFF Little Big Band имаше чест да биде дел од 20-то јубилејно издание на Petrovac Jazz Fest во Црна Гора.
20 изданија не се само бројка. Тоа се 20 години музика, пријателства, средби, инспирација и луѓе кои повторно и повторно се собираат околу јазикот што сите го разбираме — џезот.
Под диригентската палка на реномираниот гитарист, аранжер и диригент Тони Китановски, JFF Little Big Band го претстави живиот и современ звук на македонскиот џез, со композиции од некои од најзначајните современи македонски џез автори, преточени во нови и динамични биг-бенд аранжмани. Членови на JFF Little Big Band се: Кристијан Џорџевиќ, Христијан Ристески, Иван Клацар, Андреј Максимовиќ, Кори Вилкокс, Александар Ниниќ, Давид Скерлевски, Сашо Поповски, Иван Бејков, Алек Секуловски.
Музичарите ја кренаа публиката на нозе, кога изведоа неколку композиции меѓу присутните, а тие на крај ги наградија со стоечки овации и долготрајни аплаузи.
„Бев изненаден од тој гест на музичарите и видовте дека публиката навистина беше воодушевена. Со музичарите од Македонија навистина многу соработувам, не само џез, туку и реге, така што ми се многу драги гости и секогаш ќе ги поканам, бидејќи имаат некој свој балкански дух, некоја своја мелодија што продира во порите на луѓето во публиката. Но, сакам да кажам, тоа е тој балкански шмек што го имаме ние и што го чувствуваме, бидејќи кога ќе дојдат Американци, тие имаат свој стил, Италијанците свој, но ние го препознаваме тој квалитет, сепак сме од Балканот и ја имаме таа силна врска Македонија и Црна Гора, а секако и Србија, Босна, Словенија, Хрватска. Секогаш ми е мило кога доаѓаат музичари од Битола и другите градови“, изјави Винко Михајловиќ, директорот на Џез фестивалот во Петровац.
„Голема благодарност до Petrovac Jazz Festival, целиот фестивалски тим, публиката и сите кои придонесоа оваа прекрасна вечер да се случи. Посебна благодарност до Тони Китановски и до сите музичари на JFF Little Big Band за посветеноста, енергијата и срцето што го донесоа на сцената“, истакна Сашо Поповски директорот и основач на Џез фактори фестивалот.
Во Петровац се чувствува како дома, бидејќи од 2010 година настапува на овој фестивал.
„Можеби досега седум или осум пати сум бил дел од него, и секогаш навистина е како да сум дома. Винко ни е драг пријател, пријател на Џез Фабрика фестивалот, пријател од Битола, и секоја година доаѓа на фестивалот и кај нас. Нашето пријателство започна во 2010 со мојот прв настап тука во Петровац, каде што се спријателив со Винко, кој не запозна со Драган Влајниќ. Во 2011 настапивме во Кикинда и од тогаш се роди желбата за џез фестивалот во Битола. И некако природно, во 2018 година, успеавме да имаме свој џез фестивал, бидејќи следната, 2027 година, славиме десет години. Десет, би рекол, интересни години на џез фестивал во Битола, бидејќи Битола навистина заслужува сериозен џез фестивал и секогаш го истакнувам тоа и се трудиме да дадеме најдобро што знаеме и можеме“, додава Поповски.
JFF Little Big Band е проект кој Поповски со Тони Китановски одлучија да го направат пред две години и го реализираа во рамките на Џез фактори фестивалот, со поддршка од универзитетите во Тетово и Штип, бидејќи половина од музичарите во биг бендот се или професори или сегашни или поранешни студенти. Овој биг бенд годинава настапи не само во Петровац, туку и на 25 јули во Тирана на интернационалниот џез фестивал во Албанија, а следната година ги очекуваат уште три фестивали.
„Овој Биг Бенд стана препознатлив и е значајна појава на самиот фестивал и претставник на Џез фабрика фестивалот, бидејќи со Тони решивме дека покрај фестивалот треба да создадеме и платформа, национална џез платформа на Македонија. Платформа каде што ќе можеме да каниме оркестри и артисти од целиот свет. Вечерва солист ни е Кори од Њујорк, Америка. Следната година ќе имаме солист од Кина. Имаме и уште едно име од Америка, Џон Сас, кој секоја година покажува желба да настапи. Се зависи, секако, од финансиите и буџетот што ќе го добиеме, бидејќи културата е скапа, но навистина неопходна, многу потребна за да имаме нормален, не само развој, туку и нормален тек на нашите општествени процеси“, истакнува професорот Поповски.
Mинатата година JFF беше претставен во Кина.
„Оваа година повторно ќе го претставиме фестивалот таму пред видни претставници и професионалци од уметничкиот свет, што е многу значајно, не само за фестивалот, туку и за Битола. Оваа година ќе одиме со поинаков проект, каде што главниот фокус ќе биде Џез Фактори за деца и работата со младите, бидејќи младите се тие што го создаваат светот и сакаме да промовираме проект и да го претставиме патот на развојот на Џез Фабрика, бидејќи почна во 2011 како проект со деца, а потоа се јави потребата да имаме и џез фестивал. Исто така, не сакам да заборавам дека соработката со Францускиот институт во Скопје е многу важна за развојот на самиот фестивал“.
Тука е и поддршката од Општина Битола, а како претставник оваа година беше Емилија Сарафска, координатор на проектот Франција Балкан џез мрежа.
„Фестивалот секогаш е дел од годишната програма за култура на Општина Битола. Без тоа, како што кажавме, не би можеле да го реализираме фестивалот во овој формат. Народниот театар во Битола е наш партнер веќе десет години, без кој навистина не би можеле да функционираме во рамките и светот во кој се претставуваме. И би рекол, најмногу битолчани, публиката, кои секоја година доаѓаат и навистина го почитуваат нашиот избор на артисти, и ги радуваат музичарите со долги аплаузи, за што сум многу среќен, бидејќи граѓаните на Битола, сцената во Битола, заслужуваат да имаат џез фестивал од највисоко ниво и ние се трудиме за тоа“. Претставниците на ЏФФ и Општина Битола се сретнаа и со претседателот на Општина Будва, Никола Јовановиќ, со кого разговараа за идни соработки.



