Во својство на покровителка, претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, го прогласи за отворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и ја врачи наградата „Златна камера 300“ на годинашниот лауреат, данскиот кинематографер, Дан Лаустсен.
„Споделувањето филмски искуства и водењето уметнички дијалог со светски познатите кинематографери, волшебници за и зад камерата, е недовршена книга на засега исткаени 46 приказни, чуени и видени во Битола, градот на татковците на кинематографското ткаење, првите балкански филмски сниматели, браќата Јанаки и Милтон Манаки. Овогодишното мото на Фестивалот „Ткајачи на филм“ е исклучително силна метафора, оти филмот се ткае од светлина и сенка, од боја и движење, од звук и тишина, од вулкански емоции, оригинални идеи и моќни визии, од минатото, сегашноста и иднината, од традицијата и иновацијата, од искуството на големите мајстори и храброста на новите генерации. Наша должност е да го поддржиме, сочуваме и продолжиме ова драгоцено наследство, создавајќи услови новите генерации уметници слободно да творат, експериментираат, поставуваат смели прашања и храбро да ги поместуваат хоризонтите на можностите“, истакна Сиљановска Давкова.
И покрај молскавичните промени, дигиталната поплава и модерните визуелни технологии, човекот и неговата емоција остануваат најважните ткајачи на филмските приказни, како што бабите се највештите ткајачки на килими и шехерезади. Како покровител на ИФФК „Браќа Манаки“, Силјановска Давкова посочи дека е горда што годинава во официјална конкуренција има два македонски филма.
„Нека Теона, Тамара, Дина, Косара и Марија поттикнат други авторски таленти и гласови во филмската ткајачка фабрика, нека искуството и мудроста се сретнат со младоста и непослушноста, нека блесне светлата страна на Балканот, Европа и светот и нека помогне во протерувањето на темната. Нека нишката што ја започнаа браќата Манаки продолжи да се ткае и ткае, со знаење, вештина, храброст и вечна љубов кон уметноста“.

