По повод „4 Ноември“- Денот на ослободувањето на Битола во Центарот за култура се одржа свечената академија на која беа доделени четвртоноемвриските награди. Во свото обраќање градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакна дека утрото на 4 ноември 1944 година засекогаш припаѓа на вечната меморија на Битола. Во него се собрале долгоочекуваната радост на слободата, надежта на семејствата и вербата дека животот повторно може да се гради во мир.
„Оваа свечена академија по повод празникот на градот „4-ти Ноември“ Денот на ослободувањето на Битола е место од кое испраќаме порака дека тешко стекнатата слобода пред 82 години, не прави горди на значајните културно-историски вредности кои ги поседува нашиот град, на нејзиниот напредок во сите сфери на живеење и на визијата за напредокот на градот. Вечерва се потсетуваме на борбата и храброста на нашите предци, на направените жртви, но и на издржливоста на нашиот народ, во очекувањето на светлината на новата зора, исполнета со надеж и можности. Оние кои некогаш сонуваа за посветла иднина, презедоа акција за да го направат сонот – реалност. Наследството живее во нашата посветеност да ги поддржуваме вредностите на слободата, правдата и мирот. Наша должност е да се погрижиме нивните жртви никогаш да не се заборават, а лекциите од историјата да не водат во нашата потрага по подобро утре“, рече во своето обраќање градоначалникот на Битола.
Добитниците на наградата ги соопшти претседателот на Советот Бојан Бојкоски кој истакна дека безрезервно целосно се вложуваме во нашата заедничка мисија и обврска да продолжиме да го градиме најубавиот град, секојдневно да ги подобруваме условите за живот на сите граѓани, и да бидеме мотив за создавање на нови можности и работа на младите генерации на овие простори.
„Како локална самоуправа, дејствувавме и дејствуваме во насока на реализација на бројни проекти и зајакнување на меѓународната соработка, се со цел зголемување на можностите за инвестиции, напредок и развој.Чест и задоволство е што вечерва ја имам приликата да ги соопштат четвртоноемвриските награди и да им се заблагодариме на наградените за нивното вложување со личен и колективен придонес кон градењето подобро утре“.
Управниот одбор на Фондот за наградата „4 Ноември“ на седницата одржана на 26.10.2026 година ги донесе следните одлуки за доделување на Општинската награда „4 Ноември” за 2026 година за едногодишни достигнувања.
Д-р ГОРАН ИЛИЌ – редовен професор на Правен факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“Битола, проректор за наука на Универзитетот и главен и одговорен уредник на научното списание Journal od Liberty and International Affairs.Предложен од Ротари Клуб ,,Битола” – Битола. Како главен и одговорен уредник на меѓународното научно списание со својата визија, долгогодишна посветеност и највисоки академски стандарди успеа да постигне резултати кои претставуваат посебен придонес за афирмација и развој на Општина Битола на меѓународен план. Исто така како редовен професор и проректор за наука на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски” – Битола дава континуиран придонес во јакнењето на истражувачкиот капацитет на универзитетот, поддршка на млади кадри, поврзување на битолската научна мисла со европските и светски образовни простори. Неговото академско образование опфаќа диплома по право, магистратура по политички науки, и докторат, а неговиот опус на публикации се состои од научни трудови поглавја во книги и монографии фокусирани на улогата на Европската Унија во меѓународните односи.
Д-р МАРГАРИТА КАМБОВСКА – доктор по медицина, специјалист по педијатрија и субспецијалист по неонатологија.Предложена од Болница ,,Плодност” – Битола. Д-р Камбовска има одлични достигнувањата од областа на здравството. За нејзината долгогодишна, совесна и посветена работа во областа на педијатријата и неонатологијата, како и за нејзиниот континуиран придонес во унапредувањето на здравствената грижа за новороденчињата и децата. Во текот на својата кариера д-р Камбовска изгради препознатлив професионален интегритет заснован врз стручност, одговорност, континуирано медицинско усовршување, човечност и целосна посветеност на пацентот. Со својот личен пример покажува дека лекарската професија не е само професија, туку и одговорност, повик и посветеност кон човекот.
КИРЕ МАРКОВ – аматерски учител по пливање и скијање. Предложен од група на граѓани. Кире Марков има значајни достигнувања во областа на спортот и развој на спортскиот живот на младите деца, кои со љубов и желба ги следат неговите инструкции за пливање и скијање.
Оваа година Кире Марков навршува 60 години занимавање со спортот, особено давајќи вистинска поддршка, обука и знаење во две спортски дисциплини. Тој успеа во нашиот град да направи обуки за пливање и зимски спортови – скијање кои се корисни за сите граѓани во поглед на јакнење на спортскиот и здравиот дух. Учествува на околу 30 маратони во земјата и странство. Добитник е на многубројни награди и признанија.
Наградата за поединци и групи творци се доделува во вид на диплома и паричен износ од 15.000 ден.Управниот одбор на Фондот за наградата „4 Ноември” донесе одлука Општинската награда „4 Ноември”, за животно дело му се доделува на: СОЊА МИХАЈЛОВА – актерка и првенка на НУ „Народен Тетатр“Битола. Предложена од НУ ,,Народен Театар” – Битола.
Актерката Соња Михајлова има големото достигнување од областа на културата и драмската уметност, работи со прецизна техника суптилен, емоционален актерски сензибилитет и моќна сценска естетика, сето тоа благодарение на нејзиниот професионализам, талент и креативност.
Во нејзината 42 годишна кариера во континуитет одигра значајни улоги во класичниот и современ драмски репертоар на битолската сцена и тоа повеќе од 30 години. Нејзиниот опус е валоризиран со истакнати признанија и награди меѓу кои и наградата за Животно дело МТФ “Војдан Чернодрински” како и бројни признанија и награди на Меѓународниот фестивал на Камерен театар „Ристо Шишков“ на ИФАД „Стоби“, „Охридско лето“, повеќекратни признанија за успешна личност од областа на културата за Битола. Основно образование и Гимназија ,,Јосип Броз – Тито” завршува во Битола. Високо образование: Факултет за драмски уметности – Скопје, класа на проф. Љубиша Георгиевски. Член на ансамблот на НУ Народен театар – Битола од 1984 до 2022 година. Реализира над 150 улоги на матична сцена, со бројни гостувања низ земјата и светот. Позначајни улоги за спомнување се претставите: „Куфер“, „Жиголо“ и „Едмонд“ со што влијае врз естетиката и стандардите на македонскиот театар. На филмските и телевизиските гледачи им е позната од „Бушавата Азбука“, „До балчак“, „Кајмак“, „Сестра, брат и шахта“ и други проекти. Паралелно со сценските остварувања, Михајлова дава пример за професионализам и менторска поддршка на помладите генерации, освојувајќи ја публиката и потикнувајќи го развојот на македонската култура како носителка на културни вредности и обележје на тетарската историја. Наградата за животно дело се доделува во вид на плакета и паричен износ од 60.000 денари. Во име на наградените се обрати и се заблагодари актерката Соња Михајлова.


