Home » 47.ИФФК „Браќа Манаки“ се затвора со премиера на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ

47.ИФФК „Браќа Манаки“ се затвора со премиера на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ

by culturalchat

Македонската премиера на дебитантскиот долгометражен филм на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, насловен „Нема да ви се верува што се случи претходно“, ќе се одржи на свеченото затворање на 47. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Фестивалот е закажан за периодот од 19 до 25 септември 2026 година.Пред да пристигне пред домашната публика, филмот ќе ја има својата светска премиера во официјалната натпреварувачка програма на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Олденбург, Германија (кој се одржува од 16 до 20 септември 2026 година). Тој повеќе од три децении важи за една од најзначајните европски платформи за независна кинематографија. Во филмските кругови е познат како „Европскиот Санденс“, а магазинот The Hollywood Reporter го третира како водечки германски фестивал на независниот филм. Приказната на филмот е фокусирана на борбата за новинарството, професијата и вистината.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“,(„You Won’t Believe What Happened Before“), е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус е и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени. Едно од централните прашања што ги отвора филмот е колку е можно човек да остане „чист“ во средина во која вистината постојано се приспособува на интересите на моќниците. Сценаристот Кокаланов нагласува дека филмот не претендира да биде целосна слика на македонското новинарство, туку преку конкретна приказна отвора пошироки прашања за медиумите, политиката и општеството.Сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, а идејата е на Срѓан Јаниќијевиќ, директор на фотографија е Дејан Димески, а главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова. Во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Mартин Иванов, композитор и автор на музиката е Игор Василев Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимограф Лидија Георгиева, дизајнер на филмска шминка Снежана Ангеловска Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а филмот е реализиран во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“, финансиран од Агенцијата за филм.

 

 

Related Articles