Home » Слушачка промоција на винил плоча – „Полноќни приказни од Офицерскиот дом“

Слушачка промоција на винил плоча – „Полноќни приказни од Офицерскиот дом“

by culturalchat

Денес со почеток од 20.00 часот во Офицерскиот дом, Битола, ќе се одржи слушачката промоција на винил плоча – „Полноќни приказни од Офицерскиот дом“, со Оливер Јосифовски, Исмаил Љумановски, Алек Секуловски и Давор Јордановски односно ALL COLORS OF M.  Четири музички имиња од светска класа. За вечер во која ќе вреди да се остави телефонот. Да се седне. Да се слушне и она што обично ни бега додека животот се случува пребрзо.
4 Ноември е поводот. Битола и луѓето што ѝ даваат вредност денес се причината.
Еден град живее и таму каде што се неговите луѓе. Во нивната работа, во музиката што ја создаваат, на сцените на кои излегуваат. Некои од нив се далеку, со адреси и кариери низ светот, а сепак остануваат дел од она поради кое Битола има со што да се гордее. Со талент што одамна ја надминал географијата, а ја зачувал блискоста.
Во Офицерскиот дом нè очекува слушачка промоција во пресрет на најавеното винилно издание. Можност оваа музичка приказна да ја доживееме заедно, на адресата што ја носи во своето име. Посебно место во вечерта имаат Теохаров аудио системи и Аудиокултура. Со рачно изработена аудиоопрема, сопствен инженерски развој и внимателен дизајн, Теохаров создава македонска приказна за врвниот звук. Во основата е посветеноста на секој детал, истата онаа што ја очекуваме од музичарите. А преку Аудиокултура, таа посветеност станува и култура на слушање, на средби и на споделување музика.
Вината од Монтеко ќе бидат убава придружба на музиката и на разговорите што ќе продолжат меѓу нас. Во рамките на „Сите бои на сеќавањето“, една вечер за Битола што ја сакаме и за луѓето што продолжуваат да ја прават значајна. Тука и во светот.
Полноќните приказни почнуваат во осум.
Те очекуваме во Офицерски.

Related Articles