„Сонувани хоризонти“ е името на самостојна изложба на уметницата Дијана Колонџоска -Дина. Во организација на ДЛУБ-Битола ,поддржана од Општина Битола, оваа изложба ќе биде реализирана во Кафе Тигре на 6 ноември 2026 година со почеток во 20 часот.
Изложбата претставува личен уметнички свет во кој бојата, формата и текстурата се испреплетуваат во слободен визуелен израз. Од апстрактни композиции и геометриски структури до фигуративни мотиви, делата откриваат различни емоционални состојби, внатрешни доживувања и замислени предели. Секоја слика е своевидно патување низ имагинацијата – сон преточен во боја и форма, отворен кон нови хоризонти.
„Секој сон има свој хоризонт, а секој хоризонт крие нова приказна.“
„Јас сум уметник кој своето творештво го пронаоѓа во различни форми на ликовно изразување, а особено во апстрактната уметност, ѕидното сликарство, графичкиот дизајн, применетата и фината уметност. Во мојата работа постојано истражувам нови начини на изразување преку боја, форма, линија, композиција и текстура, при што секое дело претставува простор за лична интерпретација, емоција и креативност“, вели Колонџоска.
Апстрактното сликарство и овозможува преку слободната игра на боите, формите и композицијата да изрази емоции и лични визуелни доживувања.
„Посебно место во моето творештво има и ѕидното сликарство – муралот, преку кое уметноста ја внесувам во јавниот простор. Муралот за мене не е само слика на ѕид, туку визуелна приказна која комуницира со луѓето, му дава нов карактер на просторот и создава позитивна енергија во средината. Графичкиот дизајн е уште еден значаен сегмент од мојата работа. Особено ме привлекува изработката на плакати и различни визуелни решенија, каде што уметничкиот израз се поврзува со јасна и функционална визуелна комуникација. Преку изборот на типографија, боја, фотографија, илустрација и композиција, настојувам пораката да биде истовремено естетска, препознатлива и комуникативна“.
Плакатот го доживува како медиум кој може да има и уметнички и комерцијален карактер – да привлече внимание, да пренесе порака, да промовира настан, производ или идеја, но истовремено да функционира и како самостојно визуелно дело.
Покрај нејзиното активно творештво, работи и како професор по ликовна уметност, што и овозможува нејзината љубов кон уметноста да ја пренесе и на младите.
„Особено ми значи да ги мотивирам учениците да размислуваат слободно, да експериментираат и преку уметноста да го пронајдат својот личен начин на изразување. Преку различни ликовни активности, работилници и проекти, ги поттикнувам активно да се вклучуваат во создавањето, особено во процесот на изработка на ѕидни слики и мурали. Верувам дека уметноста не е ограничена само на галерискиот простор. Таа може да биде присутна во училиштето, на улицата, на ѕидовите, на плакатот и во секојдневниот визуелен простор. Затоа, мојата работа ја гледам како постојано поврзување на уметноста, дизајнот, образованието и заедницата, со цел да создадам визуелни дела кои не само што се естетски, туку и комуницираат, инспирираат и поттикнуваат креативно размислување“, додава Колонџоска.
