Home » Под мотото „Сите бои на сеќавањето“ се одбележува Денот на ослободувањето на Битола 4. Ноември

Под мотото „Сите бои на сеќавањето“ се одбележува Денот на ослободувањето на Битола 4. Ноември

by culturalchat

Еден град има илјадници начини да се сеќава. Во Битола, некои се пеат. Некои се раскажуваат. Некои се препознаваат по првиот тон, по една фасада, по глас што би го познале и со затворени очи. Има датуми во кои се собира цел град. За Битола, тоа е 4 Ноември.
Денот на ослободувањето годинава го одбележуваме под насловот „Сите бои на сеќавањето“, со програма посветена на градот, неговата слобода и творечкиот дух што го прави свој. На луѓето што му дале глас, звук и карактер. На оние што продолжуваат да создаваат тука и на оние што ја носат Битола со себе, каде и да се. Препознатливата архитектура на Битола, погледот кон еден од нејзините покриви и силниот колоритен акцент го носат визуелниот идентитет на годинашното одбележување на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот.

Автор на постерот е графичкиот дизајнер Иван Јанчев Коцка. Неговиот визуел го насочува вниманието кон архитектонски детаљ покрај кој можеби поминуваме секојдневно, повикувајќи нè повторно да го погледнеме градот. Во таа средба меѓу познатото и одново забележаното се отвора и темата на програмата. Како ја паметиме Битола, кому му ги должиме нејзините приказни и што создаваме денес за да остане по нас?

„Сите бои на сеќавањето“ собира различни генерации и творечки изрази. Сеќавањето бара и наше учество. Да ја раскажеме приказната што сме ја наследиле. Да ѝ дадеме простор на музиката што растела со нас. Да ги сретнеме генерациите што имаат различни спомени, а го делат истиот град. Овој 4 Ноември, да се собереме околу она што ни значи. Со почит кон изборената слобода и со љубопитност за сѐ што Битола допрва може да создаде.
Сите бои на сеќавањето.
И нашата боја меѓу нив.
Битола, 4 Ноември 2026.

Related Articles