Home » Изложбата „Менче Спировска – Визуелни фасцинации од Загреб“ претставена во Скопје

Изложбата „Менче Спировска – Визуелни фасцинации од Загреб“ претставена во Скопје

by culturalchat

Како резултат на остварената соработка меѓу македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и Музејот за занаети и уметности од Загреб, две изложби кои минатата година беа претставени пред хрватската публика во македонскиот КИЦ во Загреб, продолжија со своето меѓународно претставување во Македонија.Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ на Националната галерија на Република Македонија се отвори изложбата „Менче Спировска – Визуелни фасцинации од Загреб“. Изложбата за прв пат на македонската публика му го претставува комплетното уметничко творештво на една од најзначајните македонски графички уметници, кое се чува во фондот на Музејот на уметност и занаети, а е создадено за време на нејзините студии во Загреб. На изложбата беа претставени 15 ликовни графики од Збирката на графики на МУО, 16 дела – поточно, концепти за графички дизајн – од Збирката за графички дизајн на МУО, како и приватни фотографии од нејзиниот „загрепски период“, позајмени од нејзината ќерка, Елизабета Аврамовска. Централниот дел на изложбата е единственото познато – и претходно неизложувано – дело од областа на графичкиот дизајн: концептуален дизајн за промотивна туристичка брошура насловена „Загреб“. Ова дело, кое овде за првпат се претставува во целост, е создадено за време на студиите на уметникот на некогашната, истакната Академија за применети уметности во Загреб – институција што работела од 1948 до 1955 година и оставила значаен белег врз развојот на применетите уметности, дизајнот и визуелната култура во Хрватска. Кустоси на изложбата се д-р Антонија Дошен и д-р Кораљка Влајо.Оваа изложба е резултат на потпишаниот меморандум за соработка со Музејот на уметност и занаети на Загреб MUO и Националната галерија на Р.Македонија кој беше потпишан во Македонскиот културен центар во Загреб во месец март. На отворањето беше истакната благодарноста до директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска која безрезервно се заложи оваа значајна изложба да се реализира во Националната галерија.
На отворањето се обратија: Нарона Љума Весели, директорка на Национална галерија; Сањин Михелиќ, директор на Музејот на уметност и занаети во Загреб; Антонија Дошен и Кораљка Влајо, кустоси на изложбата; Елизабета Аврамовска, ќерка на Менче Спировска.
Изложбата свечено ја отвори Маја Крстевска, виш кустос на Национална галерија на Р.Македонија. 

 

 

 

 

 

 

Related Articles