Home » „На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши“ – блескава премиера на најновиот филм на Манчевски во Токио

„На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши“ – блескава премиера на најновиот филм на Манчевски во Токио

by culturalchat

Новиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, вчера ја имаше својата светска премиера во натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио.
„На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши. Фер. Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет“, изјави Манчевски по проекцијата.
По премиерата, режисерот и главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ учествуваа во разговор со публиката и со јапонските и меѓународните медиуми. Разговорот го водеше уметничкиот директор на фестивалот, Шозо Ичијама, кој се осврна на уметничките квалитети и социјалниот аспект на филмот.
Гледачите го истакнаа емотивното доживување, необичната приказна и актерските остварувања. „Бев одушевена да видам ваква ентузијастичка реакција од гледачите“, изјави Кјоко Хирано, посетителка на премиерата. Интересот продолжи и надвор од салата. Цел час по разговорот, Манчевски и актерите потпишуваа автограми и се фотографираа со публиката. Дел од обожавателите донесоа плакати и ДВД-изданија од „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“.
За Филип Трајковиќ, Токио е почетокот на светското патување на неговиот лик:
„Пресреќен сум што ликот на Виктор првпат си го покажа лицето токму во Токио и тукашната публика прва се запозна со него. Се надевам дека ќе продолжи да патува и ќе стане граѓанин на светот. Виктор го заслужува тоа.“
Сара Климоска го сподели своето доживување со зборовите „Милчо пак ме расплака“, а за ликот што го толкува рече:
„Малина ми е многу, многу блиска. Преку неа истражив многу човечки искуства, емоции и противречности. Ме збогати. Благодарна сум што бев дел од оваа приказна.“
Премиерата во Токио е многу важна за меѓународната видливост на новиот филм на Манчевски, истакна директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој замина за Токио да ја поддржи филмската екипа:
„Светската премиера на Манчевски во Токио е уште една потврда дека во современа Македонија, филмот е нашиот најгласен, најсилен и најуспешен културен промотор. Преку нашите филмови, приказните, јазикот и авторскиот глас стигнуваат до публиката ширум светот. Затоа, Агенцијата за филм иницира промени насочени кон зголемување на филмскиот буџет и создавање подобри услови за работа на филмските работници. Милчо по четврти пат нè претставува на Токискиот филмски фестивал. Им честитам и нему и на целата екипа за премиерата во Токио и им посакувам филмот да продолжи да го привлекува вниманието на меѓународната публика и да бележи успеси на светската филмска сцена.“
Манчевски и дел од екипата присуствуваа и на отворањето на фестивалот. Неговото појавување со шахта како реквизит од филмот го привлече вниманието и на „Холивуд репортер“, кој напиша дека режисерот нашол несекојдневен начин да се заштити од дождот.
За симболиката на предметот, Манчевски објасни:
„Шахтите кои ги крадат нашите херои во филмот ја кријат нечистотијата на општеството и го одвојуваат финиот свет од подземјето. Братот и сестрата во оваа приказна опстојуваат токму меѓу тие две сфери на општеството.“
Покрај режисерот и актерите, на премиерата присуствуваа продуцентот Јане Ќортошев и копродуцентските партнери Галина Тонева, Лудовико Кантисани и Ју-Фаи Суен.
„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра, кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева и Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Кастинг-директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент е Јане Ќортошев. Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се: Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.
Следните фестивалски проекции се на 2 и 3 ноември.
Честитки до Милчо Манчевски и целата филмска екипа за светската премиера и успешно понатамошно фестивалско патување!

Related Articles