Од 23 до 29 април, Битола повторно беше една светска театарска сцена каде еден актер е доволен за да создаде цел универзум од емоции, приказни и трансформации. Одржувањето на 27. Интернационален фестивал на монодрама Битола оваа година се одржа под мотото „Огледало на вистината“. После фестивалот впечатоците не згаснуваат.
„Преку Огледалото на вистината секој од нас имаше можност да се соочи со лични, општествени и универзални вистини. Актерите од десетте земји учеснички ни подарија искрени и силни уметнички сведоштва, потврдувајки дека монодрамата не е само форма, туку тоа е едно длабоко човечко искуство. Ова издание беше обележано со голем интерес. На почеток пристигнаа вкупно 60 апликации од целиот свет, што говори за растечката репутација и значењето на овој фестивал на меѓународната театарска мапа“, изјави директорот на НУ Центар за култура – Битола, м-р Сашо Илковски.

Фестивалот направи чекор напред и отвори нови страници во својата историја.
„За прв пат воведовме црвен тепих, создавајќи свечен момент на достоен спектакл на уметниците и на гостите. Имавме спектакуларно отворање со енергијата на флешмоб настанот, кој ја внесе уметноста меѓу граѓаните на еден непосреден и жив начин. Значајна беше и изложбата, каде што беа прикажани 26 лауреати на фестивалот како ретроспектива и потсетник на богатото фестивалско наследство што се гради со децении, за која изборот на фотографии го направи Љупка Коларова Пајевиќ. Воедно, за прв пат беше адаптирана и новата Бар сцена, која понуди нов, поинаков простор за поблиска и поинтимна комуникација помеѓу актерот и публиката“.
Илковски истакна дека најголема вредност на фестивалот е публиката. „Огромниот интерес, исполнетите сали и вашата енергија се најсилната потврда дека театарот живее, дека е потребен и дека има свое вистинско место во нашето општество. Да најавиме дека започнавме и со снимање на документарен видео запис за фестивалот, кој ќе остане како траен белег за ова фестивалско патување, се надевам и за идни фестивали. За уметниците, за процесите, меѓутоа и за емоциите што беа споделени во ова издание“.
На крај тој се заблагодари на сите со чија помош и залагање беше реализиран фестивалот.
„Благодарност за успешното издание на фестивалот до советот на фестивалот, до учесниците, до жири комисијата, до селекторот на фестивалот, до Љупка Пајевиќ за изложбата 26те „Лауреати на фестивалот“ дизајн на изложбата Сергеј Светозарев, до Љупка Стефановска, Димитар Михајловски и Бојан Стојков за организација на Flash mob настапот, до Димитар Андоновски за музичките аранжмани, до Никола Ѓоргиевски за адаптацијата на „Бар сцената“ и за успешната техничката реализација на фестивалот и до целата техничката екипа, до сите вработени во Центар за култура (особено до нововработените кои имаа прво фестивалско искуство) и до сите волонтери, а бескрајна е благодарноста до нашата драга публика“.
Фестивалот беше отворен со популарната претстава „Менопауза“ на Тијана Дапчевиќ, а во чест на наградените на затворањето, беше изведена претставата „Гидионовиот јазол“- на Драмски театар од Скопје. Во рамките на програмата беа изведени и три македонски претстави, со што фестивалот продолжува да ја поддржува и афирмира домашната театарска продукција.

