Home » Вечери на емоции и насмевки-одбележан јубилејот 30 години детски фестивал Си До

Вечери на емоции и насмевки-одбележан јубилејот 30 години детски фестивал Си До

by culturalchat

Три децении музика, емоции, детска искреност и песни кои останаа вечни во срцата на генерации. Годинешниот јубилеј на Детскиот фестивал „СИ-ДО“ се одржа во два незаборавни фестивалски дена, исполнети со радост, енергија и голема љубов кон музиката. Првиот фестивалски ден “Една сцена илјада детства” им припадна на младите таленти и новите детски хитови – деца кои со својата искрена интерпретација, насмевки и сцена полна со емоција покажаа дека иднината на музиката е во сигурни раце.Втората фестивалска вечер “Децата пораснаа хитовите останаа исти” беше вистинска музичка ретроспектива – патување низ најголемите хитови од самите почетоци на фестивалот па сè до денес. Со настапите на оригиналните изведувачи, публиката имаше можност повторно да ги почувствува песните со кои растеше, песните кои будат спомени, детство и најубави емоции. Салата пееше во еден глас, а времето како да застана во чест на музиката што остави траен белег со поддршка на битолскиот оркестар ДИВА.На настанот кој го водеше актерката Маја Андоновска Илијевски, присутните ги поздрави директорот на фестивалот, Дарко Шерденков како и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

„Задоволство беше да присуствувам на вечерта во која се споија минатото и сегашноста, а различни генерации се препознаат во истите стихови, исти мелодии и исти чувства. Детскиот фестивал „СИ-ДО“, 30 години приказна што трае, децата пораснаа, хитовите останаа исти“, истакна градоначалникот и додаде: „Честитки на организаторот и сите кои биле дел од нашиот „СИ-ДО“ и создавале детска музика, фестивал кој е музичка ризница и амбасадор на нашиот град. Радува фактот што детскиот музички фестивал „СИ-ДО“ , триесет години опстојува на музичката сцена, фестивал кој дава белег на пулсирањето на нашиот град и кој не претставува надвор од границите на Македонија, ширум светот, бидејќи музиката нема граници. На огранизаторот уште еднаш честитки, а јас ветувам дека овој фестивал за се она што го направил за Битола и за детската песна, ќе ја има поддршката од Општина Битола“.

30 години „СИ-ДО“ не се само бројка. Тоа се илјадници детски насмевки, безброј аплаузи, создадени пријателства, таленти кои израснаа на оваа сцена и љубов која со години се пренесува од генерација на генерација.„Огромна благодарност до целиот тим кој со посветеност, професионалност и неизмерна љубов го создаде овој величествен јубилеј. Посебна благодарност до водителите кои со својата харизма и професионалност му дадоа посебен сјај на фестивалот и беа прекрасна врска помеѓу сцената и публиката Маја Андоновска Илијевски и Драгана, исполнети со емоции и незаборавни моменти“, истакна Шерденков. На настанот учествуваа и балетските групи и танцовите клубови: ЕКСПОСЕ , ТСК Степап, Анастасија Центар , ТСК Спортакус ,студио Сања. Раководител на детскиот хор е Драгана Шерденков.

„Посебна благодарност Министерство за култура што го препозна фестивалот како настан од национален интерес, градоначалникот и Советот на Општина Битола, до нашите генерални спонзори Пелистерка , MINT FinTech Groupи JK Travel , пријатели и поддржувачи BLISS Mall & Retail Park,печатница Киро Дандаро и книжарница Барби, кои препознаваат колку е важна детската музика и културата да продолжат да живеат и да се развиваат“, додаде Шерденков.Па така на сцената втората вечер ги видовме: Ана Иванова, Маја Митровска, Димитар Андоновски, Маја Андоновска Илијевски, Ана Петановска, Леонид Ристев, Ирена Маџаровска Ристевска, Теодора Михајловска, Дарко Гроздановски, Марија Цветановска, Бојан Стојков, Ана Ванчевска, Иван Богојовски, Ице Печипајковски, Мирко Митровски, Владимир Димовски, Елена Јурукова Раповска, Николај Илиевски, Иванчо Чагорски, Ирена Димовска Митревска. Во публиката беше и Панде Димитровски, човекот одговорен за многу детски песнички кои станаа хитови и со кои пораснавме.

„СИ-ДО“ не е само фестивал.
„СИ-ДО“ е детство.
„СИ-ДО“ е спомен.
„СИ-ДО“ е традиција која трае и ќе трае. Со гордост кон минатото и со поглед кон иднината — нека продолжат новите музички приказни.

 

 

Related Articles