Home » Изложбата на скулпторот Никола Смилков го заокружи есенскиот циклус на Денови на македонска култура во Будимпешта

Изложбата на скулпторот Никола Смилков го заокружи есенскиот циклус на Денови на македонска култура во Будимпешта

by culturalchat

Есенското издание на Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 се одржа од 23 до 26 октомври. Програмата започна со Деновите на македонска гастрономија во ресторанот Yugo Resto-Bar во Будимпешта, каде гостин-готвач беше Слаѓан Стевковски од Македонија, кој подготви традиционални македонски специјалитети. Следниот ден на бродот-сцена A38 настапи групата „Скопје Виа“, предводена од актерката и пејачка Јана Стојановска и виртуозот на хармоника Мишел Трајковски. Есенскиот циклус продолжи во културниот центар Balkan Heritage, каде беше отворена изложба на скулптури од македонскиот скулптор Никола Смилков. Изложбата ја отвори унгарската писателка Оршоја Карафиат.Оваа манифестација е во организација на Лекторатот по македонски јазик при Институтот за словенска и балтичка филологија на Универзитетот ЕЛТЕ, Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом и културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта. Манифестацијата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија. Галеријата на културниот центар Balkan Heritage беше премала да ги собере сите заинтересирани за изложбата на Смилков, а на отворањето присуствуваа многу познати унгарски уметници.Унгарската писателка Оршоја Карафиат го напиша и прочита пред присутните текстот „Редуцирани ангели“. Инспирирана од скулптурите, таа раскажа приказна за својата баба – досетлива пазарџијка што добива џекпот на среќка и за својот гроб нарачува гранитен споменик со ангели без лица. „Од каде да знам какво лице има ангелот?“, ѝ рекла бабата кога внуката ги побарала цртите. Во еден од ангелите внуката ја препознава самата баба: „Како цел еден живот се згуснува во едно единствено движење.“ На крајот Карафиат признава дека ангелите на баба ѝ ги измислила, но дека средбата со скулптурите на Смилков ги оживеала: „И кога ги гледав овие скулптури, помислив дека и баба ми е само контура, неизбрусено сеќавање. Но сепак тоа е таа, знам, затоа што тоа сеќавање има душа, исто како и фигурите на Смилков.“ Во својот текст Карафиат ги вплете и зборовите на самиот уметник за прилепскиот мермер – „Мермерот не го избрав, мермерот е мојата судбина“ – и за неговите бронзени дела. Таа истакна дека кај Смилков „во едноставноста се крие сложеноста“ и заклучи: „Постојат универзални движења. Форми од кои, иако не се униформни, сепак извира емоција што секој може да ја препознае.“Скулпторот Смилков го изрази своето задоволство од претставувањето во Будимпешта, каде изложувал за првпат. „Мене ми е значајно ова претставување, особено за мојот развој, бидејќи сум претставен во многу градови низ светот, но значајноста е поголема бидејќи за првпат сум во Будимпешта и за прв пат и се претставувам на јавноста во Будимпешта. Истата изложба беше претставена и во Шолта, во Културно информативниот центар на Шолта. Ова е дел и од циклусот „Емотивни патувања“, но и од претходниот циклус, „Емоции“, кој е сублимат на повеќе скулптури, на повеќе дела во галериски формат, кои се во материјалите бронза и мермер“.

Во творештвото на познатиот македонски академски вајар и професор Никола Смилков, токму мермерот зазема централно место како еден од примарните материјали преку кои тој ги материјализира своите уметнички визии. „Мермерот ми е традиционален семеен материјал, мојот татко го има обработувано, па сега и јас и некако сум поврзан со корените во државата, односно со материјалите што ги поседува онаа убавина што ја има Македонија“.

Смилков имал бројни самостојни и групни меѓународни изложби во Македонија и странство (меѓу кои во Њујорк, Барселона, Пекинг, Берлин, Сплит, Шолта ). За 2027 година веќе се подготвува за претставување со своите дела во Птуј, Република Словенија.Организаторот, македонскиот лектор Златко Панзов изјави дека манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта, која се одржува од 2019 година, секоја година сè повеќе го привлекува интересот на унгарската публика и веќе има изборено високо место во културната понуда на Будимпешта.

„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 почнаа во мај и јуни со изложбата „Синило“ на Јелена Белиќ и со издавањето на музичкиот албум „Македонија“ на групата Будапесме. Тоа беше почеток од настаните предвидени за оваа година, промоција на албумот, издавање на истиот и изложбата. Самата идеја доаѓа од таму што сакаме со повеќе настани да ја прикажеме нашата култура. Имаме изложба, имаме концерт, имаме гастрономски денови, а ќе ја завршиме во ноември со предавања и со промоција на антологија на најнова македонска современа поезија. Низа настани на кои фокусот е токму сега во октомври, значи гастрономија, концерт на Skopje Via и изложбата на Никола Смилков“.Овие настани се пред се за поврзување на Македонците кои живеат во Будимпешта, но и презентација на македонската култура на Унгарците и сите оние кои живеат таму.

„Мислам дека Македонците кои доаѓаат на нашите настани се чувствуваат гордо и се запознаваат тука меѓусебно, затоа што многумина од нас не се познаваме. Во однос на останатите, мислам дека оваа година повеќе имавме Унгарци кои ги посетуваа настаните, кои барем по фидбекот кој што го гледав се презадоволни од она што го гледаат, посебно концертот на Skopje Via, каде што мислам дека сè уште се зборува колку еуфоричен беше“.

Панзов најави поамбициозна и побогата програма за наредната година и изрази голема благодарност до културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта за одличната соработка.

„Јас од 2019 поддршка добивам од Министерството за култура и туризам на Македонија. Оваа година можам да се пофалам дека добивме доволно средства за да ги реализираме сите настани и се надевам дека тоа ќе продолжи и следната година. Не би сакал да откривам, но ќе имаме многу настани, барем од музика, од книжевност и така натаму“.

Никола Смилков (роден 1973, Штип, Северна Македонија) е скулптор со значајна угледност чиешто дело ги поврзува традицијата, педагогијата и современата форма. Студирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопјe, каде што ги стекнал и постдипломските и магистерските степени по вајарство под менторство на проф. Драган Попоски Дада (2002). Во 2012 година, докторирал по методи на настава по уметност на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битолa. Работи како редовен професор по вајарство, керамика, вајарски техники и методика на ликовното образование на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (на Факултетот за образовни науки / Факултетот за ликовни уметности). Избран е за претседател на Собранието на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) во мај 2026 година. Автор е на познатата статуетка „Жена водилка“, која агенцијата „Марили“ традиционално им ја доделува на најуспешните жени менаџери. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои: Трета награда Интернационална изложба „БЕЛИ НОЌИ II“ категорија 2 Мајдан Арт Мајданпек Србија,  2025 Награда „Вангел Коџоман“ за ликовно творештво МАЛ ФОРМАТ за 2025 година, 2022 Признание „8 Ноември“, Опптина Штип (за исклучителен придонес во афирмирањето на градот Штип како уметник и ликовен педагог), 2020 Награда за скултура и Гран при на Петтото меѓународно биенале на акт„ Марко Крстов Греговиќ“ во Будва, Црна Гора, 2016 Награда за скулптура ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија), 2008 Награда за скулптура „ДИМО ТОДОРОВСКИ“ – ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија). Изложбата може да се посети до 1 декември 2026 година. Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 ќе завршат во ноември, кога ќе гостува Елена Ѓорѓиовска, лекторка по македонски јазик во Букурешт. Таа ќе одржи предавање и ќе ја промовира поетската антологија „Мојата песна се фрла од мост“, а студентите од Лекторатот по македонски јазик ќе изведат музичко-поетски перформанс.

 

 

 

 

Related Articles