Секоја „Камера 300“ прво е парче метал.
Потоа доаѓаат рацете, огнот, прецизноста и времето…
Скулпторот Димитар Филиповски почнал да ги изработува наградите на „Браќа Манаки“ во 1994 година, кога имал само 20 години. Повеќе од три децении подоцна, ритуалот продолжува.

Филиповски вели дека секој јуни или јули во него се вклучува некаков внатрешен аларм: време е повторно да почнат да се создаваат наградите за фестивалот. Во неговото ателје, металот полека станува еден од најпрепознатливите симболи на „Браќа Манаки“ награда што низ годините заминувала во рацете на најголемите кинематографери на светот.
За Филиповски, тоа и денес значи едно…голема одговорност . А некаде во Битола веќе се подготвува сцената на која овие статуетки ќе ги запознаат своите нови сопственици.

Филиповски е реномиран македонски скулптор, автор на поголем број на скулптури ширум Македонија. Средното уметничко училиште го завршува во Скопје каде што подоцна дипломира на Факултетот за ликовни уметности, на вајарски оддел, во класата на проф. Драган Попоски-Дада. По дипломирањето извесен период работи во студиото на академик Томе Серафимовски. Во 2004 година Филиповски ја добива наградата „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ, а од 2006 година работи како професор во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Неодамна во Скопје ја претстави изложбата на бронзени скулптури „Жени создадени во пламен“.


