Home » Одбележан Денот на македонскиот јазик во Загреб

Одбележан Денот на македонскиот јазик во Загреб

by culturalchat

По повод 5. Мај – Денот на македонскиот јазик, Амбасадорот на Македонија во Хрватска Драган Ѓурчевски, ги покани во Амбасадата учениците кои посетуваат настава по македонски јазик од неколку училишта во Загреб, Дуго Село и Света Недела. Учениците настапија со пригодна програма, преку која ја изразија својата љубов кон мајчиниот јазик и култура. Нивниот настап беше искрен потсетник дека македонскиот јазик е нашата единствена татковина – нешто што нè обединува, нè поврзува и нè прави тоа што сме, без разлика каде живееме. Амбасадорот им врачи пригодни подароци и книги на македонски јазик, како знак на поддршка и охрабрување за нивната посветеност и љубов кон македонскиот јазик. На настанот присуствуваше и директорката на Македонскиот културно информативен центар, Мими Ѓоргоска Илиевска.Претходно членовите на “Македонското друштво за култура,уметност и едукација Блаже Конески” положија свежо цвеќе пред спомен бистата на Блаже Конески во паркот ,,Бундек” во Загреб, по повод Денот на македонскиот јазик. На свеченоста присуствуваа амбасадорот на Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски, директорката на Македонскиот културно-информативен центар Мими Ѓоргоска Илиевска, Саша Таневски доктор на науки, м/р за меѓународни односи. Посочувајќи го значењето на македонскиот јазик како темел на македонскиот идентитет се потсетија на самите почетоци и основањето на македонската азбука, на дел од пишаните зборови не само на Блаже Конески, туку и останатите македонски книжевници кои оставиле голем траг и белег во македонскиот јазик и книжевноста, Кочо Рацин, Петре М.Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски итн.
„Јазикот е единствената наша татковина. Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.‘‘

Related Articles