Заврши Интернационалниот етнографски филмски фестивал – почна Семинарот за традиционална музика и игра. Со проекција на последните документарци, заврши петото издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал на кој годинава селекторот Тони Гламчевски избра 42 филмови од сите страни на светот.
Од денеска на сцената се учесници на Семинарот за традиционална музика и игра кој го отвори м-р Сашо Илковски, директор на НУ Центар за култура.
-Семинарот е одлична точка на поврзување, а нашата традиција и македонска култура не се само во спомените туку таа може да се пренесува со игра и песна, но и со знаење. И оваа година ќе биде публикуван Зборник на трудови кој ќе обезбеди нови знаења и нови можности за истражувања, истакна Илковски пред учесниците на Семинарот.
Семинарот за традиционална музика и игра се одржува по 18-ти пат, а годинава во Зборникот на трудови се публикувани десет научно стручни трудови, потврди универзитетскиот професор д-р Владимир Јаневски, координатор на Семинарот. Во рамки на културниот Хорологион, учесниците од проф. д-р Марјан Танушевски беа информирани за можностите за развој на културниот туризам во рурални средини со посебен осврт на населените места Трново, Магарево, Велушина и Буково.
Фотографии: Сашо Ставрев.



