По повод одбележувањето на двата големи јубилеи што имаат непроценливо значење за македонската духовност, просвета и културно наследство – 1.140 години од формирањето на Светиклиментовиот универзитет (886–2026) и 1.110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски (916–2026), во организација на Општина Охрид, вечерва, во пресрет на празникот Свети Климент Охридски – Летен, ќе биде промовирана научната книга на проф. д-р Зоран Пејковски, „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“, посветена на непресушното духовно, просветителско и творечко влијание на Охридскиот чудотворец врз современата македонска книжевност и култура.
Со вашето присуство ќе го збогатите овој свечен настан и заедно ќе му се оддаде достојна почит на Свети Климент Охридски – темелник на македонската просветителска традиција, духовен светилник и вечна инспирација за македонскиот народ и неговата култура. Воедно, на 9-ти август, на празникот Свети Климент Охридски – Летен, ќе биде промовиран и поетско-духовниот еп на Пејковски, „Крстот на Охрид и Светлината на Вечноста“, посветен на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, чувар на Светата Охридска Архиепископија и на Апостолското Предание, по повод 40 години од неговото замонашување.
Промоцијата ќе се одржи во рамките на свеченоста по повод доделувањето на Големата повелба на хуманизмот, која ќе му биде врачена на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
„Во таа свечена пригода ќе имам особена чест лично да му го предадам првиот примерок од мојот поетско-духовен еп „Крстот на Охрид и Светлината на Вечноста“. Повелете и бидете дел од овие свечени настани, посветени на бесмртното дело на Свети Климент Охридски, на духовните вредности што нè обединуваат и на македонското просветителско и културно наследство“, истакнува Пејковски.
