Настанот „Модни мостови на Балканот“, ќе се одржи денес во Подгорица, во рамките на годишната програма за одбележување 20 години независност на Црна Гора и го обединува Балканот преку модата. Имено на истиот ќе учествуваат познати модни дизајнери од 6 земји, и тоа: Каја Хорват, Ивица Скоко, Драгана Огњеновиќ, Аднан Хајрулаховиќ ХааД, Наташа Пејовиќ, и македонскиот претставник Никола Петровски. Реномираниот дизајнер од Битола на овој настан ќе го одбележи својот јубилеј од 30 години модно творештво, со колекцијата „Вода“. Се работи за летна колекција составена од 20 модели, од кои 15 ги прикажува за прв пат, и пет креации што ги претстави како најава за оваа колекција на последниот настан „Европски моден пасош“ во Сараево. Покрај женските, ќе бидат претставени и 4 машки модели.

„Колекцијата е инспирирана од она што е здравје и лек за душата: море, река, вода, дожд“, истакнува Петровски за vijesti.me. Проектот е поддржан од општина Подгорица, Секретаријатот за култура, Туристичката организација на Подгорица и Владата на Црна Гора. Никола Петровски кој е препознатлив како дизајнер со автентичен моден израз и печат, за првпат се претставува во Црна Гора.
