Home » Последна изведба на претставата „Сомнително лице“ во Битолскиот театар

Последна изведба на претставата „Сомнително лице“ во Битолскиот театар

by culturalchat

На 30 јуни во 20:00 часот, на сцената на НУ Народен театар Битола, ќе се одигра последната изведба на една од најгледаните комедии во репертоарот – „Сомнително лице“. Безвременската комедија на Бранислав Нушиќ, исполнета со духовити заплети, недоразбирања и препознатливи ликови, и денес со истата сила ја засмејува публиката и нè потсетува дека човечките слабости никогаш не излегуваат од мода. Претставата е во режија на Деан Дамјановски.„Светот на „Сомнително лице“ на Нушиќ, прочитан денес, претставува еден дистопичен свет во кој шпионирањето и недовербата, како и лицемерието, корупцијата и стравот се нешто сосема нормално. Тоа е свет во кој гротеската станува реализам, а фарсата повторно станува историја. Самиот Нушиќ, во оригиналниот ракопис за „Сомнително лице“, во поднаслов има напишано „гоголијада во два чина“. Нашата претстава може да ја наречеме „современа нушиќијада“, или, искривено огледало во кое светот и луѓето во него се претставени токму онакви какви што се“, истакнува режисерот.Главната улога во претставата ја толкува актерот Марјан Ѓорѓиевски, а заедно со него на сцената на битолскиот театар ќе настапат и Валентина Грамосли, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Филип Мирчевски, Петар Спировски, Борче Ѓаковски, Никола Стефанов, Александар Копања, Александар Стефановски, Васко Мавровски и Сандра Грибовска. Сценографијата и дизајнот на плакатот е на Филип Јовановски, костимите се на  Андреј Папаз Ѓоргиевски, а композитор на музиката е Марјан Неќак.

Ова е 30та јубилејна изведба на претставата. Вечер во која заедно ќе прославиме триесет успешни играња, многу аплаузи и безброј насмевки. Доколку сè уште не сте ја гледале – ова е вистинскиот момент. А ако веќе сте се смееле со „Сомнително лице“, дојдете повторно и бидете дел од оваа јубилејна, последна изведба.
Билетите се достапни на билетарницата на театарот и онлајн на официјалната страница.

 

 

Related Articles