Home » Битолскиот дизајнер Никола Петровски триумфираше на модната сцена во Подгорица

Битолскиот дизајнер Никола Петровски триумфираше на модната сцена во Подгорица

by culturalchat

Настанот „Модни мостови на Балканот“ на кој се претставија шест реномирани дизајнери, синоќа во Подгорица ја покажа моќта и важноста на модата и беше во рамките на годишната програма за одбележување 20 години независност на Црна Гора, а воедно го обедини Балканот преку модата. Битолскиот дизајнер и единствен македонскиот претставник Никола Петровски, со синоќешното учество одбележа 30 години модно творештво, со колекцијата пролет-лето 2026  насловена „Вода“. Се работи за летна колекција составена од 20 модели, од кои 15 ги прикажа за прв пат, и пет креации што ги претстави како најава за оваа колекција на последниот настан „Европски моден пасош“ во Сараево. Покрај женските, беа претставени и 4 машки модели.„Колекцијата е инспирирана од она што е здравје и лек за душата: море, река, вода, дожд“, истакна Петровски.Тој ја прикажа и водата и природата преку материјали – лен, вискоза, памук и ликра.

Покрај Петровски на настанот се претставија: Каја Хорват, Ивица Скоко, Драгана Огњеновиќ, Аднан Хајрулаховиќ ХааД, Наташа Пејовиќ. Секоја колекција го носеше духот на својата земја. Оливера Милачиќ, сопственичка на агенцијата „Медија консалтинг“, која е организатор на настанот, истакна дека „не е важно дали доаѓате од мала земја, туку колку големо срце имате за она што го создавате. Сакав регионот повторно да дише како еден, барем за една ноќ. Да се ​​потсетиме колку музиката, уметноста, спомените, талентите и љубовта сè уште нè обединуваат. Уживајте во ноќ што ги слави модата, заедништвото и соништата што некогаш изгледаа невозможни“, пренесува mnemagazin.me.

„Модни мостови на Балканот“ е настан поддржан од општина Подгорица, Секретаријатот за култура, Туристичката организација на Подгорица и Владата на Црна Гора. Никола Петровски кој е препознатлив како дизајнер со автентичен моден израз и печат, за првпат се претставува во Црна Гора. Фотографии: mnemagazin.me и приватна архива на Петровски.

Related Articles